Прашан дали чувствува одговорност поради трагичниот случај, Сали кажа дека не смета оти министерството што го предводи е најодговорната институција во оваа ситуација, зашто, како што кажа, проблемот со недостигот на терапија за пациентите со цистична фиброза бил навреме пријавен до Владата, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување од кои била побарана поддршка
Министерот Беким Сали смета дека Министерството за здравство не би била најодговорната институција за случајот со Благојче Илиевски – најтешко болниот пациент од цистична фиброза кој почина откако не успеа да го дочека лекот „трикафта“ што требаше да го добие од државата.

Прашан дали чувствува одговорност поради трагичниот случај, Сали кажа дека не смета оти министерството што го предводи е најодговорната институција во оваа ситуација, зашто, како што кажа, проблемот со недостигот на терапија за пациентите со цистична фиброза бил навреме пријавен до Владата, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување од кои била побарана поддршка.
„Членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза со кои сум во комуникација ја знаат мојата спремност за решавање на тој проблем кој за жал беше наталожен од други фактори, а не од Министерството за здравство, имајќи предвид дека МЗ не ги купува лековите туку го организира системот и правно ги овозможува сите движења, односно давање ингеренции на установи со кои можат да располагаат и како да се организираат“,
изјави министерот за здравство Беким Сали.
Министерот дополнително информира дека денеска се обезбедени буџетски средства за набавка на лекот „трикафта“ за осумте пациенти со цистична фиброза чија состојба е најкритична.
„Денес се обезбедија буџетски средства за набавка на лекот ‘трикафта’. Станува збор за буџетски средства наменети за Клиниката за детски болести, каде што сумата од 563 504 040 денари се зголемува на 703 504 040 ден, односно за дополнителни 140 000 000 денари“,
соопшти министерот Сали во објава на Фејсбук.
Асоцијацијата за цистична фиброза вчера информира дека почина Благојче Илиевски, најтешко болниот пациент со оваа дијагноза во земјава.
„Багојче се храбреше и нè храбреше во напорите дека ќе го добиеме лекот ‘трикафта’, а тој не го дочека, а за време на својот краток живот веруваше дека новата терапија ќе стигне на време, за да почне да живее понормално, за да може да биде присутен во животот на своите најблиски“,
порачаа вчера од Асоцијацијата.
Поради ваквиот исход, членовите на Асоцијацијата денеска ќе излезат на протест пред зградата на Владата од каде што ќе се збогуваат со Благојче. Велат дека не постои поголемо кршење на човековите права од тоа да се дозволи да умираат луѓе од болести за кои има лек.