Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави оти инфлацијата ќе трае подолго отколку што очекувале и додаде дека инфлацијата кај цените на храната, која досега беше ниска и изнесуваше 1,2 отсто, веројатно ќе се зголеми како одговор на повисоките цени на нафтата и гасот
Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголеми каматните стапки во еврозоната од 2,25 на 2,5 отсто и предупреди дека ризикот од повисока инфлација во текот на следната година е пораснат по обновувањето на судирите на Блискиот Исток, пишува „Гардијан“.

Со ова, Управниот совет на банката го најави второто зголемување на стапката оваа година во обид да се избори со инфлацијата поттикната од војната во Иран.
Зголемувањето се случува во време кога трошоците за државно задолжување нагло пораснаа поради скокот на цените на нафтата и гасот по најновите напади од страна на Соединетите Американски Држави (САД) и Иран врз бродови во Ормускиот Теснец.
Растот на цените на енергенсите ги зголемува трошоците за транспорт, греење и производство, што може дополнително да ги засили инфлациските притисоци во европската економија.
ЕЦБ ја зголеми и прогнозата за економскиот раст во еврозоната во 2026 година на 0,9 отсто, во однос на претходно предвидените 0,8 отсто. Сега се очекува просечната инфлација во 2026 година да достигне три отсто.
Каматната стапка, односно приносот на државниот долг на Обединетото Кралство денеска достигна највисоко ниво во последните 19 години, додека приносите на американските и европските обврзници исто така пораснаа, следејќи го движењето на цената на нафтата, која достигна 105 долари (78 фунти) за барел, пред благо да се спушти на околу 104,5 долари.
Инвеститорите очекуваа ЕЦБ да ги зголеми трошоците за задолжување во еврозоната, но беа вознемирени од строгиот тон на извештајот, во кој се предупредува на натрупување на инфлациски притисоци во повеќе сектори на економијата.
Пораснаа и цените на гасот во континентална Европа. Холандската цена на гасот, која служи како стандард за ЕУ, по првпат по јануари 2023 година ја надмина границата од 80 евра за мегават-час. Договорот за испорака во следниот месец се тргува по цена повисока за 3,4 отсто, односно 82,56 евра за мегават/час.
Ова, пак, доведе до зголемување на трошоците за државно задолжување во водечките економии. Каматната стапка на референтните 10-годишни државни обврзници на Обединетото Кралство достигна 5,36 отсто, што е највисоко ниво од август 2007 година.
Стапката на германските 30-годишни државни обврзници порасна за 2,5 базични поени на 5,08 отсто, што е највисоко ниво од декември 2003 година. Приносот на 10-годишните обврзници достигна 3,45 отсто, највисоко ниво од април 2011 година. Приносот на француските 10-годишни државни обврзници се искачи на 4,344 отсто (раст од еден базичен поен), што е највисоко ниво од октомври 2008 година.
Централните банки стравуваат дека високите цени на горивата и енергијата ќе доведат до повисоки транспортни трошоци и поскапо греење за деловните и станбените објекти што, пак, ќе предизвика општ пораст на инфлацијата.
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави оти инфлацијата ќе трае подолго отколку што очекувале и додаде дека инфлацијата кај цените на храната, која досега беше ниска и изнесуваше 1,2 отсто, веројатно ќе се зголеми како одговор на повисоките цени на нафтата и гасот.
Според неа, цените на гасот би можеле да пораснат поради дополнителни прекини во снабдувањето или поради невообичаено студена зима, во комбинација со ниското ниво на резерви во поголемиот дел од регионот.
„Се очекува општата инфлација да се врати на нивото близу целта кон крајот на 2027 година, поттикната од ефектите на повисоките каматни стапки“,
изјави Лагард.
На прашањето за следниот потег на ЕЦБ, рече дека не разговарале за каква било идна насока на дејствување.
„Пазарите го прават она што мораат, а ние го правиме она што мораме – а тоа е да обезбедиме стабилност на цените“,
додаде таа.
Вниманието на пазарите на обврзници го привлече и американскиот министер за финансии Скот Бесент, кој најави дека САД ќе откупат државен долг во вредност од 6 милијарди долари (т.н. американски државни обврзници).
Овој потег има за цел да го ублажи масовното распродавање на американскиот пазар на обврзници, кое врши притисок врз каматните стапки. Сепак, купувачите на обврзници го оценија обемот на пакетот како недоволен, а приносот на 10-годишните државни обврзници се искачи на највисокото ниво во последните три години.
