Според него, смирувањето на ситуацијата не е поврзано со заладувањето на времето бидејќи новите случаи се заразени пред три до 14 дена

Епидемијата на западнонилската треска стивнува, за што говорат податоците дека во последните две недели има по два нови случаи, вели министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој додава дека на Клиниката за инфективни болести моментно се хоспитализирани шест пациенти, од кои само двајца се во потешка состојба.
„Сметам дека епидемијата стивнува бидејќи последните две недели имаме по два нови случаи. Значи, оваа недела, по објавувањето на извештајот од Институтот за јавно здравје, в понеделник, ќе имаме два нови суспектни случаи. Дека се смирува ситуацијата говори и фактот дека во моментот на Клиниката за инфективни болести имаме шест хоспитализирани лица“,
рече Клековски во однос на извештајот на ИЈЗ за периодот до 8 септември, во кој се наведува дека е регистриран и случај во Свети Николе.
Според него, смирувањето на ситуацијата не е поврзано со заладувањето на времето бидејќи новите случаи се заразени пред три до 14 дена.
„Мислам дека постапувањето по индикации влијаеше и е постигнато тоа што го очекувавме. Сепак, точни закономерности не постојат во оваа епидемија. Имаме три пронајдени мртви гаврани со вирусот во општини во кои нема регистрирано случаи на западнонилска треска – два во Општина Карпош и еден во Ресен“,
додаде Клековски.
На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани вкупно шест пациенти, од кои само двајца се со потешка клиничка слика. Се работи за пациенти што подолг период се хоспитализирани.
„Тие подолго време се на Клиниката, интубирани се и се на респираторна поддршка. Другите четворица се во стабилна состојба и се на Одделот на невроинфекции. Двајца се водат како суспектни бидејќи се понови, а кај другите двајца при крај е процесот на закрепнување и набргу ќе бидат отпуштени од болница“,
изјави директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана.
Во последниот извештај од ИЈЗ се вели дека во земјава се регистрирани вкупно 58 случаи на западнонилска треска, од кои 54 потврдени и четири веројатни, а досега како последица на вирусот починале осум лица.
