Сите осум починати лица се мажи од Скопје со просечна возраст од 71,9 години. Сите биле хоспитализирани, а кај седуммина од нив биле присутни и претходни хронични заболувања

Во Македонија се регистрирани вкупно 58 случаи на западнонилска треска од кои 54 потврдени и четири веројатни, а досега како последица на вирусот починале осум лица, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Само во текот на изминатата недела, од 2 до 8 септември, се пријавени два нови случаи на заболени – по еден од Скопје и од Свети Николе, а регистрирани се и два нови смртни исходи, двата во Скопје.
Сите осум починати лица се мажи од Скопје со просечна возраст од 71,9 години. Сите биле хоспитализирани, а кај седуммина од нив биле присутни и претходни хронични заболувања.
Податоците на ИЈЗ покажуваат дека болеста почесто ги зафаќа мажите – од вкупно 58 заболени, 46 се мажи, а 12 се жени. Во однос на возраста, најголемиот дел – 47 лица се на возраст над 60 години. Просечната возраст на сите заболени изнесува 66,1 година.
Според местото на живеење, најголем број од случаите се лоцирани во Скопје – дури 55. По еден случај е регистриран во Велес, Куманово и во Свети Николе.
Регистрирани се 57 автохтони случаи, односно инфекција добиена во земјата, додека еден пациент имал историја на патување во Грција, иако инкубацискиот период покрива и престој во Македонија.
Според симптомите, кај најголем дел од пациентите – 38, болеста се појавила во текот на август, додека кај 17 лица симптомите започнале во јули, кај две во јуни и кај едно лице во мај.
Од заболените, 56 биле со невроинвазивна форма на болеста и сите биле хоспитализирани – 55 на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а едно лице во приватната болница „Аџибадем Систина“.
Досега од болничко лекување се испишани 43 пациенти, додека пет лица сè уште се наоѓаат на лекување во болница.
Западнонилската треска по првпат е регистрирана во Македонија во 2011 година. Во периодот оттогаш до крајот на 2025 година биле регистрирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи и пет смртни исходи.
Податоците за 2026 година укажуваат на значително зголемување и на бројот на заболени и на бројот на починати.
