Новина е и тоа што антибиотиците се поделени на три подгрупи, воведени се нови терапевтски области, како мултиплекс склероза, цистична фиброза, современа терапија за ХИВ; хепатитис Б и Ц, онколошки терапии. Првпат се воведува заменска терапија за никотин, што според Клековски треба да поттикне да се размислува превентивно за ракот на белите дробови
По повеќе од една деценија, нашата држава доби ажурирана листа на есенцијални лекови, во која се вклучени 193 нови лека, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Сашо Клековски.

Листата е систематизирана во 28 терапевтски области, дефинирана во подгрупи и содржи вкупно 372 лека, од кои 193 се нови. Во неа има и јасни патокази во насока што треба да се направи доколку одреден лек не е достапен и која е неговата адекватна замена.
Новина е и тоа што антибиотиците се поделени на три подгрупи, воведени се нови терапевтски области, како мултиплекс склероза, цистична фиброза, современа терапија за ХИВ; хепатитис Б и Ц, онколошки терапии. Првпат се воведува заменска терапија за никотин, што според Клековски треба да поттикне да се размислува превентивно за ракот на белите дробови.
Со тоа, како што додаде, важно е и што со оваа листа се внимава и на превенцијата.
Нагласи дека треба да се направи разграничување дека есенцијалната листа на лекови не е иста со позитивната листа на лекови.
„Значи, есенцијалната е листа на лекови што треба да ги во во земјата, што докторите треба да ги земат предвид во градењето на упатствата и протоколите. Но, не неминовно се дел од позитивната листа на лекови, која е посебен процес за попристапни лекови за граѓаните. Но, есенцијалната листа е водич за следното проширување на позитивната листа“,
рече Клековски.
Според него, имало потреба од ажурирање на оваа листа бидејќи во овие 11 години Светската здравствена организација има направено неколку поголеми промени на својата листа.
„Во основа, потребата за ажурирање на оваа есенцијална листа е заснована од ажурирањето на таа на Светската здравствена организација (СЗО). Оваа листа е донесена низ еден многу партиципативен процес преку националната платформа за лекови, која ги вклучи институциите, стручната јавност и пациентските организации“,
кажа тој.
Порача дека не треба повторно да се чекаат 11 години за следното ажурирање на листата и посочувајќи дека тие се неопходни на секои шест или 12 месеци.
„Кога ќе се случи позначајна промена во есенцијалната листа на СЗО, таа треба да биде применета и во националната регулатива во Македонија“,
вели министерот.
Според првиот човек на СЗО во земјава, доктор Акеем Али, институционализирањето на редовното ажурирање на листата преку новиот закон за лековите ќе биде од клучно значење, со цел да се обезбедат нејзината континуирана релевентност, одговорност кон потребите и довербата на јавноста.
Посочи дека СЗО останува посветен партнер на земјава во подобрувањето на пристапот до лекови и унапредување на клучните системски реформи, вклучувајќи ја и поддршката за Законот за здравствена заштита.
