Техничкиот премиер апелира граѓаните да не ги преплавуваат маркетите за да купуваат намирници и наместо тоа да се придржуваат до препораките. Во случај некој да им ги прекрши работничките права, да пријават во инспекторатите
„За мене е задоволство што на состанокот со политичките лидери се обединивме со заеднички став дека здравјето на граѓаните е поважно од сè“, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски по лидерската средба во Владата за ситуацијата со коронавирусот во пресрет на изборната кампања.
Тој го повтори ставот што претходно го кажаа и лидерите на политичките партии дека сè уште е рано да се зборува за одложување на парламентарните избори и дека засега е најважно да се почитуваат препораките за неодржување јавни собири како политички митинзи.
„Се договоривме да се однесуваме одговорно и дека партиските интереси нема ништо да придонесат во оваа ситуација. Кризниот штаб ќе ги информира политичките партии секојдневно за развојот и ширењето на вирусот, за да не оставиме простор некој да пласира какви било информации поради недоволна информираност“,
изјави Спасовски.
Уверува дека засега нема потреба од свикување на парламентот за евентуален ребаланс на буџетот бидејќи, како што вели, тој е ликвиден. Најави дека ќе има средба со стопанските комори за да се разгледаат сите можности и евентуални нови мерки во иднина за намалување на последиците на оваа ситуација врз економијата.
Засилените мерки што денеска Комисијата за заразни болести ги предложи до Владата, Спасовски вели ќе останат во сила до 24 март. Дотогаш останува правото по еден родител на деца до 10 годишна возраст да добие платено отсуство од работа. Секој што ќе има притисок, Спасовски апелираше да пријави во инспекторатите.
„Кога говорам дека ништо нема поважно од здравјето на граѓаните, тоа значи дека ниту профитот не е поважен. Тој што ќе се обиде да профитира нема да успее. Доколку има вакви препораки, значи дека треба да се испочитуваат. Ако има каков било притисок спротивно на работничките права, треба да се обратат до инспекторатите“,
изјави Спасовски.
Тој ги повика граѓаните да не креваат паника и да купуваат намирници за дома бидејќи вели нема потреба од такво нешто.
Спасовски: Глупост е да се мисли дека се кријат податоци
Одговарајќи на новинарско прашање дали се кријат податоци за реалната ситуација со корнавирусот, Спасовски рече дека нема ниту еден податок кој е скриен и не е презентиран во јавноста.
„Замислете каква глупост е да излезете да кажете или да скриете дека имате заразени од коронавирус, а вие тоа не го пријавувате на јавноста или на институциите. Тогаш за каква одговорност зборуваме, за кое здравје и живот на граѓаните зборуваме ако така настапуваме. Како Влада се однесуваме одговорно и многу транспарентно и затоа ви кажуваме дека ако треба и три-четири пати дневно ќе имаме прес-конференции, соопштенија и се што треба да правиме ќе правиме за да бидат граѓаните информирани“,
рече Спасовски.
Тој апелираше до медиумите да соопштуваат информации исклучиво од институциите.
„Тоа што го имаме како сознание е основа врз која ги носиме идните одлуки. Сè што правиме како влада се базира исклучиво на експертите за оваа состојба и мерките ќе ги носиме врз основа на тоа. Овде нема место за политика или политикантство“, рече Спасовски.
*Поврзани вести:
Лидерите не разговарале за одложување на изборите, туку за модификување на кампањата