По предлог на Комисијата за заразни болести, се засилуваат мерките за превенција од коронавирусот, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Со нив се предвидува забрана на секакви јавни и приватни собири без разлика на обемот, одложување на сите концерти, театарски претстави, кинопроекции, спортски настани.
Рестораните и кафулињата ќе работат со скратено работно време до 18 часот и со преполовен капацитет, односно ќе мора да се задржи растојание од 1,5 до 2 метри меѓу луѓето. Истото важи и за обложувачниците и казината.
Во болниците ќе се примаат на прегледи само итни случаи и ќе има само итни хируршки интервенции.
Владата разговарала и со верските претставници за строго придржување до овие мерки.
„Треба да бидеме порадикални. Јас имав разговор со колеги од Италија кои укажаа дека во одредени делови во земјата каде што започна епидемијата, дури по воведувањето на најригорозните мерки повеќе нема регистрирано нови случаи. Затоа воведуваат такви мерки и во другите делови низ земјата“,
изјави Филипче.
Филипче најави дека Владата наскоро ќе излезе со план за финансиска поддршка и мерки за намалување на штетните последици од овие мерки врз економијата.
*Поврзани вести:
Филипче: Уште едно лице се тестира за коронавирус, тројца заболени имаат отежнато дишење