Уште едно лице со висока температура денеска се јавило на Инфективната клиника во Скопје и во моментов се тестира за коронавирусот, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче. Лицето се вратило во земјава од Германија на почетокот на месецов, а резултатите од тестирањето ќе бидат готови за неколку часа.
Во меѓувреме, на тројца од заболените им се влошила состојбата и имаат отежнато дишење, но според Филипче засега не е потребна респираторна поддршка.
„Сите тројца се постари лица над 65 години, имаат лесно влошување на состојбата и не е потребна респираторна поддршка. Останатите шест пациенти се во стабилна состојба“,
информира Филипче.
Оние што имале контакт со директорката на Клиниката за кожни болести се во изолација и засега немаат знаци на коронавирус, а во меѓувреме е назначена нова директорка, рече министерот за здравство Венко Филипче.