Еден оглас за четворица обвинители пропадна лани во октомври, а потоа Советот на јавни обвинители реши да не брза со објавување нов бидејќи во тој период се смени шефот на ОЈО ГОКК – Ислам Абази дојде на местото на Вилма Русковска

Советот на јавни обвинители одлучи да распише оглас за четворица обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) кое од ноември лани го предводи Ислам Абази.
На денешната седница на која присуствуваа осум од актуелни девет члена (Коле Штерјев беше отсутен), одлуката беше донесена едногласно.
Во ова обвинителство во моментов, покрај шефот Абази, има 10 обвинители кои имаат мандат, како и три обвинителки (Елизабета Јосифоска, Маја Конеска, Милица Гаврилова) кои со решение на републичкиот обвинител Љубомир Јовески се времено упатени на работа таму.
Обвинителката Јосифоска беше дел од СЈО, по што формално се врати во Основното јавно обвинителство Гостивар, но доби упатување во ОЈО ГОКК. Конеска и Гаврилова, пак, претходно веќе работеа во ОЈО ГОКК, а откако лани им истече мандатот и требаше да се вратат во матичните обвинителства, Јовески и за нив издаде решение за упатување.
Во меѓувреме, Советот се обиде во неколку наврати да избере обвинители кои ќе гонат организиран криминал и корупција.
Еден оглас, исто така за четири места, беше распишан лани и на него се пријавија шест обвинители, меѓу кои и трите што се времето упатени во ОЈО ГООК. Меѓутоа, тој оглас пропадна кога на седница во октомври лани ниту еден од пријавените не ги доби потребните гласови и покрај тоа што дел имаа високи оценки.
Советот потоа планираше да распише нов оглас, но членовите на седница на крајот на ноември 2022 решија да не брзаат бидејќи тогаш Ислам Абази ја замени Вилма Русковска на чело ОЈО ГОКК, па оставија одреден период да одлучат дали и за колку обвинители ќе распишат оглас.
Инаку, на денешната седница на Советот беше одлучено да се распише оглас и за 31 обвинител во основните јавни обвинителства во земјава, додека за избор на нови виши обвинители членовите решија да го пролонгираат објавувањето на огласот.