Само со холистички пристап и земање предвид на сите фактори, како и со брза реакција на сите полиња можеме целосно да се избориме со вирусот, велат од Комората
Комисијата за заразни болести треба сериозно да го земе предвид воведувањето дополнителни рестриктивни мерки и протоколи, бидејќи се наоѓаме во исклучително сериозна состојба, од која може да излеземе само ако сите почнеме одговорно да се однесуваме и да ги почитуваме мерките за заштита, алармира денеска Лекарската комора.
„Треба да сфатиме дека секој од нас и сите ние заедно, преку своите постапки, можеме значително да влијаеме на намалување на бројот на новозаболени и на тој начин да се заштитиме себеси, нашите семејства, пријатели, колеги и сите други граѓани. Со доследно и трајно спроведување на мерките за заштита може да го спречиме ширењето на вирусот“,
велат од Комората.
Оттаму посочуваат дека се свесни оти овие мерки се крајно непопуларни, но сметаат дека во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје повеќе од потребно е нивно воведување.
„Само со холистички пристап и земање предвид на сите фактори, како и со промптна реакција на сите полиња, можеме целосно да се избориме со вирусот“,
се наведува во реакцијата.
Од Лекарската комора ги повикуваат сите граѓани да ја препознаат сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме и со заеднички придонес и дејствување да им помогнат на лекарите во борбата за заштита на индивидуалното и колективно здравје, бидејќи тоа е единствениот начин да се спречи понатамошното ширење на вирусот и да се избегне колапс на здравствениот систем.