Според министерот за економија, и покрај кризата предизвикана од пандемијата, податоците покажуваат стабилизација
Ако со нови рестриктивни мерки има скратување на работата на некои дејности, тогаш сигурно дека ќе има дополнителна поддршка за нив, најави министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за Алсат.
„На овој начин постапувавме и во изминатиот период и така ќе продолжиме. Туристичко-угостителскиот сектор кој е најпогоден од пандемијата доби и најголема поддршка преку владините мерки“,
рече министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за „Економски магазин“ на Алсат .
Тој најави дека наскоро ќе биде објавен огласот за ваучери за поддршка на домашниот туризам.
„Ќе продолжи да се реализира мерката, што се однесува до ваучерите за стимулирање на домашниот туризам, имајќи предвид дека состојбата е непредвидлива во однос на туристичката сезона и повлекувањето на странските туристи. Јавните повици за оваа мерка се подготвени и ќе се објават некаде кон почетокот на април, но тоа нема да биде единствената помош за туристичкиот сектор. Значи, се реализира целата програма за развој на туризмот во рамките на секторот за туризам во Министерството за економија. Доколку се случи и оваа летна сезона да биде изгубена поради пандемијата, токму за овој сектор ќе има и дополнителна помош“,
рече Бектеши.
Тој потенцира дека во интерес на граѓаните и на стопанството е што побрзо во Собранието да се донесат законите што произлегуваат од петтиот сет мерки.
„Би било добро да не се блокираат законите кои се во интерес на граѓаните, на вработените во приватниот сектор, но истовремено и на компаниите, ако се земе предвид дека и минатата година ние ја завршивме со економски пад од 4,5 отсто, што беше речиси идентично со проекциите на Владата, а сите податоци и за месец јануари и за февруари покажуваат дека се зголемени приходите и во рамки на буџетот, но и економската активност е врз основа на предвидувањата“
рече Бектеши.
Во врска со барањето на угостителите за давање дозвола да се отворат рестораните за свадби со посебни протоколи, министерот уште еднаш потенцира дека во овој период е најважно здравјето на граѓаните и дека Владата постапува по препораките на Комисијата за заразни болести.
Според Бектеши, и покрај кризата предизвикана од пандемијата, податоците покажуваат стабилизација на економијата. Буџетот е ликвиден, растат буџетските приходи, расте трговската размена, а очекувањата се дека ќе продолжи овој тренд и во текот на целата година.