Здравствената состојба на тројцата повредени во експлозијата на плинска боца во кумановското село Романовце е крајно тешка, a особено на двете жени што се наоѓаат на интензивна нега и нема никаква промена кон нејзино подобрување, изјави денеска директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар, Илир Хасани.
„За жал, не можам да ви кажам никаква добра вест во моментов. Состојбата на мажот, кој се наоѓа во Единицата за интензивно лекување на Клиниката за неврохируршки болести, е исто така непроменета. Тој е во тешка, но стабилна состојба. Сите тројца се на апарати за дишење. Во моментот се во кома, значи дека организмот реагира и се влошува“,
додаде д-р Хасани.
Од Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ информираа дека и натаму во животно загрозувачка состојба е 31-годишната жена повредена во експлозијата на боца во Романовце, која има 80 проценти изгореници по телото.
„Состојбата е непроменета и е иста како и вчера. Во релативно стабилна состојба се десетгодишното дете и 28-годишната бремена жена. Се преземаат сите мерки за подобрување на здравствената состојба на повредените“,
посочуваат од Клиниката.
Експлозијата на боца во Романовце се случи завчера. Животот го загубија четири лица.
*Поврзани вести:
Несреќа во Романовце: Две жени се борат за живот – состојбата им е тешка и неизвесна
Експлозијата во Романовце ја зеде и четвртата жртва
Утврден идентитетот на трите деца што загинаа во експлозија на плинска боца во Романовце
Експлозија на плинска боца во кумановско Романовце: Тројца мртви, шестмина повредени
Први фотографии од местото на трагедијата во кумановско Романовце