Почина еден од повредените при денешната експлозија на плинска боца во кумановското село Романовце. Тој е четвртата жртва во трагичниот настан од утрово кога на самото место животот го загубија три дечиња родени 2009, 2011 и 2012 година.
Станува збор за 59-годишен маж кој починал на Единицата за интензивно лекување на Клиниката за неврохирургија во Скопје.
Информацијата за државната новинска агенција МИА ја потврдил и директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – ТОАРИЛУЦ, д-р Илир Хасани.
„Во крајно тешка состојба се и две жени, на возраст од околу 30 и 50 години. Во критична состојба, пак, е и еден повозрасен маж“,
изјави Хасани.
Попладнево министерот за здравство Венко Филипче беше во посета на повредените пациенти хоспитализирани на КАРИЛ. Филипче информираше за состојбата на повредените и нагласи дека се преземаат сите мерки на интензивно лекување. Тој потенцираше дека внимателно ќе се следи нивната состојба.
Во критична животна состојба се и четириесетгодишната жена и десетгодишното дете кои во моментов се на лекување во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ – Скопје (старата Градска болница). Таму е примена и бремена жена на возраст од околу 20 години.
Гинеколог ја прегледал пациентката, која е бремена во седми месец, и констатирал дека плодот е добар. Според првичната проценка, кај жената имало изгореници од 20-30 отсто и била примена во единицата за интензивно лекување.
*Претходни вести:
Утврден идентитетот на трите деца што загинаа во експлозија на плинска боца во Романовце
Експлозија на плинска боца во кумановско Романовце: Тројца мртви, шестмина повредени
Први фотографии од местото на трагедијата во кумановско Романовце