За министер за правда е избран Јетон Шасивари од Влен, за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски од Движењето ЗНАМ, за министер за односи меѓу заедниците Агон Ферати од Влен, за министер за здравство Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ, за министер за култура и туризам Седат Сулејмани од Влен, за министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ, за министер за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија, а за министер без ресор Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ
Непосредно пред гласањето од собраниската говорница се обрати премиерот Мицкоски, кој рече дека е среќен со изборот на новите министри, за што очекува и парламентарното мнозинство да ги гласа
Собранието доцна вечерва ги избра осумте нови министри во рамки на реконструкцијата на Владата предложена од премиерот Христијан Мицкоски.
Секој од новите министри е избран со 69 гласа „за“, без ниту еден глас „воздржан“ и „против“.

За министер за правда е избран Јетон Шасивари од Влен, за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски од Движењето ЗНАМ, за министер за односи меѓу заедниците Агон Ферати од Влен, за министер за здравство Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ, за министер за култура и туризам Седат Сулејмани од Влен, за министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ, за министер за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија, а за министер без ресор Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.
По изборот на новите министри, премиерот Христијан Мицкоски направи заедничка фотографија со нив.

Непосредно пред гласањето премиерот имаше обраќање од собраниската говорница, велејќи дека е среќен со изборот на новите министри, за што очекува и парламентарното мнозинство да ги гласа.

„Среќен сум што го имам ова парламентарно мнозинство, кое досега испорача многу реформски закони, кои, впрочем, и еврокомесарката Марта Кос го истакна при нејзината последна посета кај нас, и тоа во јавно излагање. Дури мислам дека тоа беше изјава од која многумина беа негативно изненадени за нив, а позитивна за граѓаните и за државата. И мислам дека и како парламентарно мнозинство, и како состав на Владата, можеме заеднички да направиме многу работи во периодот што следи“,
рече тој.
Во текот на денот Собранието ги разреши досегашните министри за правда Игор Филков, за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците Игор Стоиљковиќ, за здравство Азир Алиу, за култура и туризам Зоран Љутков, за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, за локална самоуправа Златко Перински, како и министерот без ресор Шабан Салиу.
Разрешени беа и заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за култура и туризам, Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани, кои со денешната одлука беа избрани за министри во истите ресори.
Образложувајќи го предлогот за именување нови министри во рамки на реконструкцијата на Владата, Мицкоски пред пратениците рече дека предложените кандидати доаѓаат со различни професионални искуства, но со заедничка обврска да работат чесно, одговорно и во интерес на граѓаните.
Според него, реконструкцијата на Владата носи нова енергија, ново темпо и уште поголема одговорност.
„И токму затоа денес пред вас не стои само предлог за избор на нови министри. Пред вас стои предлог за нова енергија. За ново темпо. За нова фаза во развојот на државата. За Влада која нема да биде задоволна со постигнатото, туку ќе биде гладна за нови резултати. Не затоа што се откажуваме од досегашниот курс.Туку затоа што сакаме тој курс да биде уште побрз, уште поефикасен и уште поодлучен“,
кажа тој.
Во текот на собраниската расправа, пратениците од владејачкото мнозинство и од опозицијата разменија меѓусебни обвинувања за владините политики, досегашното владеење, но и за кадровските решенија.
Опозициските партии сметаат дека реконструкцијата претставува политички, а не кадровски потег што е најава за предвремени парламентарни избори.
За пратениците од парламентарното мнозинство, реконструкцијата е принципиелен и стратегиски чекор за освежување на владиниот тим, внесување нова енергија и зголемување на ефикасноста на извршната власт.
