„Уверен сум дека најдобрите години не се зад нас, туку се пред нас“, рече Мицкоски, посочувајќи дека не бара доверба за поединци и за една политичка партија, туку за продолжување процес во кој, како што рече, државата повторно ќе се исправи на нозе
Претходно Собранието разреши осум министри и двајца заменик-министри
Денес пред вас предлагам луѓе кои доаѓаат со различни професионални искуства, но со иста обврска – да работат чесно, одговорно и со чувство дека секој ден што ќе го поминат на функцијата им е даден од народот и му припаѓа на народот. Ова го кажа премирот Христијан Мицкоски во своето обраќање во Собранието во кое го образложи предлогот за именување нови министри во рамките на владината реконструкција.

Премиерот, во тој контекст, рече дека реконструкцијата на Владата носи нова енергија, ново темпо и уште поголема одговорност.
„Државите не ги менуваат своите судбини преку случајности. Тие ги менуваат преку одлуки. Преку луѓе кои се подготвени да преземат одговорност. Преку институции кои имаат храброст да се менуваат тогаш кога тоа е потребно. И преку народ кој знае дека иднината никогаш не им припаѓа на оние што просто чекаат, туку на оние што имаат визија, карактер и истрајност да ја создаваат“,
рече Мицкоски.
Премиерот упати и критики до претходната власт, предводена од СДСМ, чии преставници, рече, седат и денеска во Собранието.
„Истите тие денес ќе ја критикуваат брзината на промените, ќе ги омаловажуваат резултатите, конструираат, измислуваат, вадат од контекст во болшевички стил, ќе велат дека водата е мокра, нагоре е високо, надоле е длабоко и тоа е нивно демократско право. Да зборуваат политичка демагогија без притоа да понудат било какво решение, а притоа да имаат колективна амнезија за тоа што го правеа во минатото. Но демократијата има уште едно правило кои тие го забораваат и потценуваат. А тоа е дека граѓаните паметат“,
кажа тој.
Мицкоски додаде оти не го споменува минатото за да бара алиби, ниту оправдувања, туку од, како што кажа, една причина – никогаш да не се повтори.
Тој пред пратениците рече оти денеска не стои пред нив да каже дека ја завршиле работата во изминатите две години, туку напротив, дека најважниот дел од неа допрва започнува.
„Затоа што државите не се градат за две години. Тие се градат генерации. И секоја генерација има обврска да остави држава подобра отколку што ја затекнала. Тоа е нашата обврска. Тоа е обврската на оваа Влада. И токму затоа денес пред вас не стои само предлог за избор на нови министри. Пред вас стои предлог за нова енергија. За ново темпо. За нова фаза во развојот на државата. За Влада која нема да биде задоволна со постигнатото, туку ќе биде гладна за нови резултати. Не затоа што се откажуваме од досегашниот курс.Туку затоа што сакаме тој курс да биде уште побрз, уште поефикасен и уште поодлучен“,
рече Мицкоски.
Во таа насока, премиерот додаде дека министерската функција не е привилегија, туку е одговорност и обврска кон секој човек, кој очекува подобар живот. Потенцира дека не бара доверба за поединци и за една политичка партија, туку за продолжување процес во кој, како што рече, државата повторно ќе се исправи на нозе, во кој ќе ги обновиме темелите, во кој покажавме дека повторно можеме да градиме, да создаваме и да победуваме.
„Уверен сум дека најдобрите години не се зад нас, туку се пред нас“,
рече Мицкоски.
Во продолжение тој ги образложи предлозите за министри.
Посочи дека очекува идниот министер за правда, функција за која е предложен Јетон Шасивари, универзитетски професор и правен експерт, своето знаење, професионален интегритет и академско искуство да ги стави во служба на создавање правосуден систем во кој правдата нема да биде привилегија, туку правило, а довербата на граѓаните постепено да се враќа онаму каде што е потребно.

За Агон Ферати, кој е предложен за министер за односи меѓу заедниците, рече дека своето професионално искуство го изградил преку европски проекти, локален развој и јавни политики.
„Нашата држава отсекогаш била најсилна кога знаела да ги претвори различностите во своја предност. Затоа очекувам неговата работа да биде насочена кон уште посилна кохезија, доверба и партнерство меѓу сите граѓани. Затоа што стабилноста и единството се предуслов за секој економски и општествен напредок“,
рече Мицкоски.
Според него, Борче Серафимовски, кој е предложен за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, добро го познава функционирањето на ресорот. Пред него, посочи, стои обврската да ја продолжи политиката на силна поддршка на земјоделците, но и да отвори нов развоен циклус во кој македонското земјоделство ќе стане поконкурентно, поиновативно и поотпорно на современите предизвици.
„За министер за здравство го предлагам Сашо Клековски. Здравството не е само систем на установи и процедури. Здравството е доверба, здравството е чувство на сигурност дека кога на човекот ќе му биде најтешко, државата ќе биде покрај него. Затоа очекувам со нова енергија да продолжат реформите што ќе обезбедат квалитетни услуги, подобри услови за здравствените работници и достоинствен третман на секој пациент“,
наведе претседателот на Владата.
Образлагајќи го предлогот Ѓоко Велковски да биде министер за социјална политика, демографија и млади, нагласи дека демографијата станува едно од најважните државни прашања, а во Локалната самоуправа, каде што нов министер ќе биде Иван Стоилковиќ, укажа дека е почнат најголемиот инвестициски циклус за општините. За министер за култура и туризам го предлага Седат Сулејмани и очекува овој ресор да биде еден од двигателите на новиот развоен циклус затоа што, посочи, државите што знаат да ја раскажат својата приказна, знаат и како да создадат нова вредност. Ерџан Демир е предлог за министер без ресор, а како што рече премиерот, во современото управување координацијата е исто толку важна колку и носењето одлуки.
Претходно, Собранието на предлог на премиерот во рамките на реконструкцијата на Владата ги разреши министрите: за правда – Игор Филков; за земјоделство, шумарство и водостопанство – Цветан Трипуновски; за односи меѓу заедниците – Игор Стоилковиќ; за здравство – Азир Алиу, за култура и туризам – Зоран Љутков, за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани, за локална самоуправа – Златко Перински, како и Шабан Салиу од функцијата министер без ресор. Разрешени се и заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за култура и туризам, Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани.
