Собранието на Република Северна Македонија в среда ќе расправа за интерпелацијата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, поднесена од опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица.
Ова било договорено на денешната координативна седница на првите луѓе на пратеничките групи со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Опозицијата му замерува на вицепремиерот Димитров за односот кон Собранието, го обвинува за манипулација на јавноста, како и за пасивност и нетранспарентност на СЕП.
Пред крајот на 2020 година, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ како прва причина за интерпелација на Димитров го наведоа неговиот однос кон Собранието, односно дека и покрај уставната обврска дека член на Владата за својата работа одговара пред Собранието, вицепремиерот двапати ги одбил поканите да присуствува на седница на Комисијата за надворешна политика во врска со македонско-бугарските односи.
Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ го обвини Димитров дека ја манипулирал јавноста дека се решени споровите со сите соседи и дека во текот на 2020 година ќе се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Од СДСМ, пак, сметаат дека ова е продолжение на деструктивната политика на ВМРО-ДПМНЕ, а за Димитров сметаат дека ужива целосна доверба од мнозинството пратеници зашто ги брани државните интереси.
На обвинувањата, Димитров преку Фејсбук реагираше дека најавената интерпелација од ВМРО-ДПМНЕ ја става опозициската партија во друштво на разни центри, кои го напаѓаат него и директно се борат против македонските интереси.
„Интерпелацијата со којашто ми се заканија денеска, во период кога државата е соочена со сериозни предизвици, а јас лично сум мета на напади од разни центри што директно се борат против македонските интереси, всушност само помага самите тие да се нацртаат во графата каде суштински припаѓаат – рамо до рамо токму со тие центри, како тотални политички и државни деструктивци, изгубени и прегазени од чекорот на времето и процесите што им се одвиваат пред нос, додека тие во своите антимакедонски лаборатории го создаваат она од што и самите се изградени – интриги, завери, лаги и конструкции“,
коментираше Димитров.