Освен што шетаат со транспаренти и со свирчиња низ салата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги оспоруваат и стручноста и искуството на дологогодишната судијка во Кривичниот суд во Скопје, додека СДСМ одговара дека сегашната опозиција најмалку има право да зборува за независноста на судството
Собранието утре ќе ја продолжи расправата за изборот на судијката од Кривичниот суд во Скопје Добрила Кацарска за член на Уставниот суд.
Расправата за овој предлог на Судскиот совет почна вчера и овие два дена се одвива во напната атмосфера, затоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, освен што од говорницата ја критикуваат кандидатурата на Кацарска, шетаат низ салата со транспаренти и со свирчиња.
Во текот на попладневната расправа, опозицијата побара предлогот Кацарска да биде избрана за уставен судија да биде повлечен. Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, таа не е стручна за оваа функција која, како што рекоа, ја добива како награда за послушноста кон власта. Не може, посочи опозицијата, судија кој суди спротивно на Уставот, да го брани Уставот.
„Кацарска нема друго искуство, освен во основниот суд. Има колеги кои имаат богато искуство. Државата има квалитетни ресурси за вакви високи позиции“, .
истакна Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница
Неговиот колега Александар Николоски не е изненаден од ваквиот предлог на Судскиот совет бидејќи, како што рече, уште пред неколку години се знаело дека еден ден предлогот Кацарска да биде избрана за уставен судија ќе стигне во Собранието.
Во текот на денешната расправа пратениците од партиите на власт, го бранеа предлогот на Судскиот совет, забележувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ најмалку има право да говори за независно судство, затоа што во време на нивното владеење, судството било донесено до најниското можно ниво.