Опозицијата го обвини мнозинството дека намерно била закажана седницата за уставните судии во тој термин за да се тргне фокусот од дебатите за несреќата
Седници на Постојната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и на Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска беа закажани во Собранието, првата во 11, втората во 12 часот.
На Комисијата за прашања на изборите и именувањата требаше да продолжи дебатата за кандидатите за уставни судии, меѓутоа само што почна, седницата беше прекината по барање на опозицијата.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа зошто речиси во исто време се закажани двете седници бидејќи сакаат да присуствуваат на Анкетната комисија каде на дневен ред е расправата за автобуската несреќа во Бугарија со автобусот на „Беса транс“ лани во ноември, во која загинаа 46 лица, како и пожарот во модуларната болница во Тетово лани во септември, каде животот го загубија 14 граѓани. Опозицијата го обвини мнозинството дека намерно била закажана седницата за уставните судии во тој термин за да се тргне фокусот од дебатите за несреќата, а по барање на пратеничката заменик-координаторка Дафина Стојаноска, претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Марија Георгиевска, даде пауза од еден час. Пред да даде пауза, Георгиевска ѝ возврати на опозицијата дека таа не одговара за раководењето со седниците на други собраниски тела и оти седницата на комисијата со која таа раководи била навремено закажана.
На седницата на анкетната комисија, пак, не дојдоа пратеници од парламентарното мнозинството. Во салата беа само претседателот на оваа комисија Халил Снопче, а присутни беа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, од Алијанса за Албанците и од Беса.
Во однос на дебата за уставните судии, која треба да продолжи по паузата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата се очекува пратениците да гласаат за предлогот универзитетската професорка Родна Живковска да биде уставна судијка.
Таа е предлог на ВМРО-ДПМНЕ и не се очекува да добие поддршка од пратениците од владејачкото мнозинство. Тие на минатата седница ја обвинија професорката за релации со опозициската партија.
Пикот од СДСМ, Мартин Костовски, тогаш рече дека професорката не е личност која нема допирни точки со политиката туку, напротив, таа е донатор на ВМРО-ДПМНЕ.
„Професорката Родна Живковска е донатор на ВМРО-ДПМНЕ. На 14 февруари 2020 година таа уплатила 25 000 денари на сметката на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Костовски посочувајќи и дека таа му е мајка на Иван Живковски, кој е претседател на Советот на Општина Кисела Вода, каде власта ја има опозицијата.
Професорката е вториот кандидат за кој расправаа пратениците. Претходно само заврши расправата за кандидатот Фатмир Скендер, кој е актуелен судија во Апелацискиот суд Скопје. Тој е предлог на владејачкото мнозинство и со мнозинство гласови го мина комисискиот филтер.
Вкупно има девет кандидати за три места во Уставен. Покрај Скендер, мнозинството ги предлага и актуелниот државен обвинител Љубомир Јовески и правничката Тања Васиќ-Бозаџиева за која опозицијата веќе реагираше како таа заслужува да биде избрана за уставна судијка и бараше сите кандидати да дојдат лично во Собранието и да се претстават.
„Можеби ќе нè разубедат дека некој што не го сметаме за истакнат правник е можеби поистакнат правник и од некој од кандидатите што ги сметаме за прилично реномирани. Еве, ќе ви кажам мал податок што не мора ништо да значи, госпоѓата Тања Васиќ-Бозаџиева пред неколку месеци магистрирала на правниот факултет, а ментор ѝ била професорката Родна Живковска. А сега ќе разговараме кој е поистакнат правник, дали кандидатот што сега скоро магистрирал или кандидатот што бил професор и ментор на многу истакнати правници“,
рече пратеникот Антонио Милошоски на едно од претходните продолженија на седницата.
Освен спомената Живковска, ВМРО-ДПМНЕ како свои предлози има уште пет имиња: пензионираниот професор Саво Климовски; Тодор Витларов, кој е шеф на Вишото јавно обвинителство – Штип; Воислав Димоски, актуелен обвинител во Основното јавно обвинителство Охрид; управната судијка од Битола, Весна Јовановска; и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.
Од сите кандидати, Комисијата за прашања за изборите и именувањата треба да предложи тројца кои потоа треба да бидат изгласани и на пленарна седница.