Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска, на денешната собраниска расправа за владината Информација за францускиот предлог, кажа дека вчера во парламентот дошле да ги стерилизираат Македонците дома, алудираjќи на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која вчера одржа говор пред пратениците и државниот врв.
„Ќе ви прочитам еден твит – на денешен ден 1933 година, нацистите донеле закон за задолжителна стерилизација на лицата со наследни болести. Денес, односно вчера, 2022 година, ни дојдоја дома, во парламентот, да нè стерилизираат нас Македонците“,
кажа Лозановска во реплика.
Од СДСМ реагираа на репликата на пратеничката и велат дека примитивизмот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ги минува сите можни граници.
„Денеска, од собраниска говорница ВМРО-ДПМНЕ ја нарече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен нацист. Скандалозно, за ВМРО ДПМНЕ Фон дер Лајен е нацист! Ова е скандалозно, срамно и за секаква осуда, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, по налог на Христијан Мицкоски, освен што го резилат Собранието дирекно ги наредуваат нашите пријатели во Европската Унија, го нарушуваат угледот на државата, на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ се против целата ЕУ“,
реагираа од СДСМ.
ВТОР ДЕН ЕЧАТ ВУВУЗЕЛИ ВО СОБРАНИЕТО
Пратениците втор ден расправаат за владината Информација за францускиот предлог, а за збор се пријавени вкупно 42 пратеника. Пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ пак, обвини дека велепредавството е спакувано во панделка од ножеви. Таа смета дека власта го крие Протоколот оти е бугарски политички памфлет – полн со негаторски пристап, кој од билатерален станува европски проблем.
„Стогодишниот сон на Бугарите ќе го остварите, вие бесрамни квислинзи. Отворивте пандорина кутија на чело со велепредавникот од Муртино и неговата маша Ковачевски, ги разбранувавте духовите и демоните од минатото, ја соголивте и уништивте државата. Со едно пусулче кое го нарекувате Информација, сакате на брзина да го направите погребот на Република Македонија, за да му оставите простор на Ковачевски и Бујар да одат на фотосесија во Брисел, затоа што во суштина овој чин е само тоа – сликање во Брисел за ова проклетство од власт, за дома да прикаже некаков си успех. Кој црн успех, изроди едни? Го читате и слушате македонскиот народ, квислинзи?“,
рече Ласовска.

И денеска, претставниците на владејачкото мнозинство се оневозможени да зборуваат во мирна атмосфера, оти пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на секој нивен говор свират со вувузели.
Инаку, пратениците нема да гласаат „за“ или „против“ францускиот предлог, односно преговарачката рамка што ја предложи француското претседателство со ЕУ, туку за заклучоци со кои на Владата ѝ се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ.
Претставниците на владината коалиција до Собранието веќе доставија предлог-заклучоци. Со нив, владата се задолжува во процесот на преговори за членство во ЕУ доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара со ЕУ.