Во предлогот, македонскиот јазик се именува без одредници од ЕУ, а историјата не е дел од преговарачкиот процес, рече Урсула фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја покани Северна Македонија да и се придружи на Европската Унија, прифаќајќи го ревидираниот предлог на француското претседателство, со кој е заштитен македонскиот јазик и идентитет.
„Нема сомнеж дека македонскиот јазик е Ваш јазик. Пак ќе повторам. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е Ваш јазик и ние тоа целосно го почитуваме и затоа во предлогот именувањето на јазикот е како „македонски“ без какви било одредници од страна ЕУ,
рече Фон дер Лајен.
Таа истакна дека ниту историјата не претставува услов за напредување во преговорите за полноправно членство во ЕУ.
„Предлогот, исто така, го почитува вашиот национален идентитет. Ве уверувам дека билатералните прашања, како што е интерператацијата на историјата, не се услови во пристапните преговори“,
подвлече претседателката на Европската комисија.
Таа потенцира дека е во Скопје затоа што смета дека сега е вистинскиот момент за Северна Македонија да направи исчекор на патот за полноправно членство во ЕУ.
„Некој вели дека ќе биде подобро да се чека, тоа е ваше право, но само сетете се колку претседателства чекавме да дојдеме до оваа позиција. Подобро е да се биде дел од преговарачкиот процес отколку надвор. Одговорноста е Ваша. Ова може да се направи веќе идната недела со преземање на првиот чекор од францускиот предлог, а вие добро ја знаете неговата содржина. Тој ги штити вашите интереси. Мислиме дека ова е момент од историска важност, но одговорноста е ваша и само ваша. Ова е за патот кој вие ќе го изберете. Ако го поддржете францускиот предлог, политичка меѓувладината конференција ќе се одржи во наредните денови.
рече таа.
Претседателката на Европската комисија посочи и дека ја разбира фрустрацијата на многумина што Северна Македонија ги нема започнато преговорите, укажувајќи дека и таа е лично фрустрирана поради тој факт.
„Но, никогаш не се откажавте, ние заедно не се откажавме. Заедно го следевме сонот и заедно тој сон ќе претвориме во реалност. Мора се свртиме напред. Мора да ја искористиме можноста пред нас за почеток на пристапните преговори и заедно да работиме на патот што Ве води кон ЕУ“,
нагласи Фон дер Лајен, изразувајќи очекување дека Северна Македонија ќе биде доверлив член на ЕУ исто како што тоа го покажува во НАТО.