Иако се тврдеше дека новото владејачко мнозинство брои 64 пратеници, за избор на новата Влада вечерва гласаа двајца помалку. Според собраниски извори, не гласале пратеничката од СДСМ, Лолита Ристова, поради ковид-19 и пратеникот од ДУИ, Изет Меџити, кој не се согласува со кадри од неговата партија во владата
„Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. Дотогаш ќе работиме посветено во унапредување на економијата и квалитетот на животот на граѓаните на државата“, рече Ковачевски во своето обраќање пред гласањето
Со 62 гласа „за“ пратениците во Собранието ја избраа новата Влада која ќе биде предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Членовите на Владата дадоа свечена заклетва, а потоа се фотографираа во холот на Собранието.
Иако се тврдеше дека новото владејачко мнозинство брои 64 пратеници, за избор на новата Влада вечерва гласаа двајца помалку. Според собраниски извори, не гласале пратеничката од СДСМ, Лолита Ристова, поради ковид-19 и пратеникот од ДУИ, Изет Меџити, кој не се согласува со кадри од неговата партија во владата.
Претходно, новиот премиер Ковачевски, во своето завршно обраќање пред гласањето, истакна дека легитимитетот на новата влада е неспорен и дека со зголемената поддршка на мнозинството тој е одржлив во следните две и пол години.
„Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има но во 2024 година. До тогаш ќе работиме посветено во унапредување на економијата и квалитетот на животот на граѓаните на државата“,
порача Ковачевски.
Ковачевски најави дека Владата веднаш ќе се фати за работа и дека уште на утрешната седница ќе се носат решенија за енергетската криза.
„Веќе во вторник, на мое огромно задоволство, ќе бидам домаќин на новиот бугарски премиер, г-динот Петков, со кога сакаме да воспоставиме нова соработка, базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет и посебност“,
рече тој.
Новиот премир најави дека ќе се носат и решенија за зголемување на пензиите. Рече и дека секој министер има план за реализирање на програмата.
„Најавив и нудам модел на партиципативност и уште еднаш ја повикувам целата опозиција за заедничка работа и консензус за клучните прашања. Нашите граѓани се обединети во барањата за подобар живот. За тоа единствено ќе работиме, и бараме сите да ни се приклучите да ја реализираме таа цел. Да престанат политичките, етничките и социјални поделби, да престане говорот на омраза и на ширење и поттикнување на песимизам. Да ги тргнеме личните и теснопартиските интереси на страна бидејќи сега повеќе од било кога мора да соработуваме во интерес на граѓаните“,
рече Ковачевски.
Ковачевски ќе има четворица заменици, Артан Груби (ДУИ) – прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска (СДСМ) – вицепремиер за борба против коруција и криминал, Бојан Маричиќ (СДСМ) – вицепремиер за европски прашања и Фатмир Битиќи (СДСМ) – вицепремиерот за економски прашања.
За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски (СДСМ) – министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска (СДСМ) – министерка за одбрана, Никола Тупанчевски (предложен од СДСМ) – министер за правда, Благој Бочварски (СДСМ) – министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски (СДСМ) – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јована Тренчевска (СДСМ) – министерка за труд и социјална политика и Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ) – министерка за култура, Горан Милевски (ЛДП) – министер за локална самоуправа, Беким Сали од Алтернатива – министер за здравство, Јетон Шаќири (ДУИ) – министер за образование и наука, Бујар Османи (ДУИ) – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими (ДУИ) – министер за финансии, Крешник Бектеши (ДУИ) – министер за економија, Насер Нуредини (ДУИ) – министер за животна средина, Адмирим Алити од Алтернатива, министер за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи од Алтернатива – министер без ресор задолжен за дијаспората.