Премиерот на Израел ја искористи приликата да го искритикува градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, кого го нарече воен злосторник. Мамдани водеше кампања во која вети дека ќе го уапси Нетанјаху за наводни воени злосторства ако го посети Њујорк, но подоцна рече дека утврдил оти нема законско овластување да го стори тоа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчеравечер се обрати од Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, бранејќи ги постапките на Израел во регионот во обид да ѝ се спротистави на растечката меѓународна изолација пред изборите на кои би можел да ја загуби власта.

Додека Нетанјаху се качуваше на говорницата, десетици делегати демонстративно ја напуштија салата каде што се одржува дебатата на 81. сесија на Генералното собрание на ОН. Нетанјаху ги нарече „морални кукавици“ и додаде дека Израел всушност штити многу од земјите чии делегати си заминаа, велејќи дека многу лидери во приватни разговори му се заблагодариле што Израел ја запрел иранската нуклеарна програма.
Израелскиот премиер рече дека нападот врз Иран бил една од најлесните одлуки што морал да ги донесе, нарекувајќи го режимот во Техеран „смртоносен“ и изрази уверување дека еден ден иранскиот народ ќе биде слободен. Додаде дека Израел ќе продолжи да се брани и дека ќе победи – оти нема друг избор. Во оваа смисла рече дека земјата нема поголем партнер од претседателот на САД, Доналд Трамп, кому му се заблагодари.
Во своето обраќање, Нетанјаху ги отфрли обвинувањата дека Израел врши геноцид во Појасот Газа. Додаде дека Израел води војна на седум фронта, но дека постои и осми фронт – низа држави кои, како што рече, издвојуваат милијарди долари за кампања на дезинформации против Израел.
Нетанјаху ја искористи приликата да го искритикува градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, кого го нарече воен злосторник. Мамдани водеше кампања во која вети дека ќе го уапси Нетанјаху за наводни воени злосторства ако го посети Њујорк, но подоцна рече дека утврдил оти нема законско овластување да го стори тоа. Оваа недела, Мамдани го опиша Нетанјаху како „архитект на ужасниот геноцид врз Палестинците“.
„Се обидовте да ме спречите да дојдам тука. Се обидовте. Се обидовте да ме замолчите. Па, не можете да ме замолчите. Не можете да ја замолчите вистината“,
рече Нетанјаху, осврнувајќи се на изјавите на градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани.
За време на својата прва посета на Њујорк откако Мамдани ја презеде функцијата, Нетанјаху рече дека постои едноставна вистина, а тоа е дека Израел не изврши геноцид, туку спречил геноцид. Го обвини њујоршкиот градоначалник за поддршка на палестинското движење Хамас.
