Пораката на граѓаните на сите ни е јасна, тие јасно кажуваат дека мора побрзо, мора подобро, дека може и мора поефикасно да се испорачуваат резултатите, мерките и решенијата во сите области без исклучок, истакна пратеникот на СДСМ Јован Митрески во своето обраќање на собраниската седница за избор на нова влада.
„Во вакви, околности кога цел свет и ние се соочуваме со економските последици од корона кризата, но и во ек на европска енергетска криза со електричната енергија и со природниот гас која не нè прескокнува и нас, целосно се согласувам со напишаното во програмата, цврсто верувам во остварувањето на истото, а тоа е фокусот да биде ставен на заштита на животниот стандард на граѓаните“,
рече Митрески.
Митрески потенцираше дека платите во сите сектори се зголемени и дека се приближуваме до 500 евра просечна плата. Тој ја смета за реална и остварлива проекцијата дека до крајот на мандатот просечната плата ќе достигне 34 000 денари. Пратеникот Митрески се осврна и на обвинувањата на пратениците од опозицијата во однос на легитимитетот на новата влада.
„За мене политички фолклор е кога некој го оценува политичкиот легитимитет на мандатарот Ковачевски да ја води владата затоа што не излегол на избори. Или политички фолклор е дека победата на локални избори треба да предизвика парламентарни избори. Тоа го нема никаде во светот. Или пак, да продолжам на ист начин, бидејќи се врзуваат локалните избори со избор на влада, да прашам, па вие тоа што го зборувате, што уште седите уште во пратеничките клупи? Нека дојдат градоначалниците и советниците, нека седнат на вашите места и тие нека носат закони, тие нека избираат влада. Во светот има бројни примери каде опозицијата добива локални избори, па никаде не чувме дека некој го спорел легитимитетот на Владата и парламентарното мнозинство“,
рече Митрески.