В четврток почнува расправата за изменетиот буџет во собраниската Комисија за финансирање и буџет, која може да трае 10 работни дена
В четврток во Собранието почнува расправата за ребалансот на буџетот за 2020 година.
Новата Влада реши да го ревидира буџетот, со цел надминување на последиците од ковид-кризата, додека расправата, која почнува во собраниската Комисија за финансирање и буџет, според проценките, непланирано се наметна како можност за „купување“ време за комплетирање на парламентарното мнозинство, кое повторно е начнато, откако викендов за двајца владејачки пратеници е потврдено дека се позитивни на коронавирусот.
Седницата на Комисијата за финансирање и буџет за ребалансот е закажана в четврток. Комисиската седница за буџетот може да трае 10 работни дена – период во кој собранискиот пленум вообичаено не заседава затоа што комисиската (општа и амандманска) расправа за буџетот се пренесува директно преку Собранискиот канал. Со Комисијата за финансирање и буџет, со која раководи опозицијата, во новиот собраниски состав претседава Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.

Најмногу десет дена може да трае и седницата за буџетот во Законодавно-правната комисија, но тука постапката е поедноставна, меѓу другото и затоа што расправата не се емитува директно на Собранискиот канал.
Во Собранието за денеска е најавено продолжение на седницата на која, меѓу другото, треба за се донесе законот за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за финансирање на четвртиот пакет мерки што ги усвои Владата за справување со ковид-19. Но, прашање е дали ќе се обезбеди кворум за работа на пленарната седница.
Пратениците Исмаил Јахоски од ДУИ и Лазе Таневски од СДСМ се позитивни на ковид-19, па мнозинството е повторно сведено на 60 пратеници, така што од опозицијата зависи дали ќе асистира за обезбедување присуство на најмалку 61 пратеник, за собранискиот пленум да може да заседава и да одлучува.
За наредните денови, пак, нема најава за нова собраниска седница, така што, со оглед на почетокот на комисиската расправа за буџетот, најрано до крајот на месецот не би се закажувала нова пленарна седница, освен ако искрсне некоја непланирана ситуација.
Сепак, како што велат во Собранието, со тоа не се решава проблемот со „тенкото мнозинство и неконструктивноста на опозицијата“, особено ако се има предвид дека се влошува ситуацијата со ковид-19, поради што, уште пред почетокот на есенскиот бран, повеќе парламенти во други земји почнаа да заседаваат онлајн, додека во земјава таа опција се уште е во фаза на замисла.
Додека Владата подготвува посебен закон за вонредна состојба, поради недореченостите и празнините што излегоа на површина во почетоците на епидемијата во земјава, кога првпат досега беше прогласена вонредна ситуација, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е неуставно парламентот да работи онлајн и дека тоа би било егзибиција.
Со слична ситуација како и сега, овој собраниски состав, конституиран на 4 август годинава, се соочи и веднаш по изборот на новата Влада, кога заразен со ковид-19 беше Арбен Зибери од ДУИ, а на пратеничката која влезе на местото на Јагода Шахпаска не ѝ беше се уште верификуван мандатот.