Приходната страна на буџетот останува непроменета, а очекуваниот дефицит ќе се покрие со задолжување на домашниот пазар
Не се предвидени импликации во однос на социјалните трансфери и пензии и тие ќе се исплаќаат редовно
Владата вечерва го утврди предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2020 година, кој ќе биде доставен на разгледување во Собранито.
Како што соопштија од Владата, проекциите покажуваат дека дефицитот во Буџетот ќе изнесува 8,4 проценти, заради растот на расходната страна, во која со најголем процент учествуваат мерките за ублажување на економските последици предизвикани од пандемијата со ковид-19.
Приходната страна на буџетот останува непроменета, а очекуваниот дефицит ќе се покрие со задолжување на домашниот пазар.
Со ребалансот не се предвидени никакви импликации во однос на социјалните трансфери и пензии и тие ќе се исплаќаат редовно.
„Сите мерки од пакетите 1,2,3 и 4 за поддршка на економијата и граѓаните во услови на здравствено-економска криза ќе се реализираат согласно со плановите до крајот на годината за ликвидност на економијата преку ликвидност на компаниите, и за зголемување на јавната потрошувачка“,
се наведува во соопштението ов владината седница.
Се посочува и дека со дополнително кратење на непродуктивни трошоци и со реалокација на средствата во буџетот ќе се задржи исполнувањето на обврските како што се редовната исплата на доспеаните долгови и субвенции, особено во програмите за рурален развој, за образование, за заштита на животната средина и други еколошки проекти, како и за реализација на капиталните проекти.
На денешната седница, на предлог на Министерството за финансии утврдени се и предлог- измени и дополнувања на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица.
Како што велат од Владата, со измената и дополнувањето на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица за време на вонредна состојба се создава можност физичките лица кои се пријавени и се корисници на апликативниот софтвер на Управата за јавни приходи преку која се пријавуваат фискалните сметки, со цел враќање на ДДВ-то за фискалните сметки издадени на 10,11 и 12 октомври, да им се врати целиот износ на данокот на додадена вредност.
„Заради поттикнување на прометот на домашни производи и услуги како заради зголемена дигитализација на нашето општество враќањето на целиот износ на ДДВ-то ќе се однесува за прометот на домашни производи и услуги како и за компјутерска опрема кој не надминува 30 000 денари по лице за сите фискални сметки издадени на 10,11 и 12 октомври 2020 година“,
информираат од Владата.