На двете владејачки партии моментно им недостига по еден пратенички глас, поради здравствената состојба на Арбен Зибери, како и затоа што не е верификуван се уште мандатот на пратеничката која доаѓа на местото на Јагода Шахпаска
Доколку претседателот на парламентот закаже седница во наредните денови и во случај на отсуство на опозицијата, прашање е дали мнозинството ќе може да обезбеди кворум за работа, но и за одлучување.
Од 62 пратеници кои се дел од мнозинството, СДСМ и ДУИ моментно може да сметаат на 60, затоа, што пратеникот Арбен Зибери е хоспитализиран на Инфективната клиника поради ковид-19, а пратеничкото место на новата министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска се уште не е пополнето.
Мандатот на пратеничката која ќе влезе наместо Шахпанска ќе може да биде верификуван дури откако ќе биде избрана Комисијата за деловнички и мандато-имунитетски прашања, за што наскоро треба да се одржи нова собраниска седница, на која ќе се избираат и другите комисии.
Верификационата комисија, пак, со која претседаваше Шахпаска веќе е расформирана. Шахпаска е единствената, од девет министри, на која пратеничкиот мандат ѝ престана со изборот за министерка, а не со поднесување оставка. Таа остана на пратеничката функција до изборот на новата Влада, затоа што во спротивно ќе беше нефункционална Верификационата комисија, преку која одеше потврдувањето на мандатите на новите пратеници од листите на „Можеме“ и на ДУИ кои влегоа на местата на оние кои беа предложени за министри.
Сепак, и СДСМ и ДУИ тврдат дека мнозинство има.
Премиерот Зоран Заев, денеска изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека очекува во текот на следните денови Собранието да направи верификација на мандатот на следниот пратеник на листата по Јагода Шапхапска, за коалицијата која има поддршка од 62 пратеника биде целсно потврдена.
Тој најави дека парламентот веројатно ќе го напуштат и други пратеници, бидејќи ќе добијат раководни позиции во извршната власт.
„Верувам во следните неколку дена парламентот ќе направи верификација на мандатот на следниот пратеник од листата за вака оформената коалиција од 62 члена да ја потврдиме комплетно. Имам намера на дел од пратеници да им понудам одредени раководни места во извршната власт. Така што, континуирано, согласно со закон, следните од листата ќе влегуваат. Верувам дека стабилноста на парламентарното мнозинство низ добрите политики може само да расте“,
рече Заев.
Изборот на комисиите да тече без проблеми очекуваат и од ДУИ, по договорениот принцип: 8 претседатели на комисии за СДСМ и за ВМРО ДПМНЕ, три за ДУИ и две места за Алијанса-Алтернатива.
Со оглед на најавите дека има договор за распределба на местата во комисиите, се очекува за нивниот избор да гласаат и опозициските пратеници. Согласно со собранискиот Деловник, на опозицијата би требало задолжително да ѝ припадната претседателските места во Комисијата за финансирањеи буџет, како и во комисиите за надзор на разузнавачките служби и на мерките за следење на комуникациите.