ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе тужби до Управниот суд за верификацијата на мандатите на дополнителните осум пратеници кои влегоа на местото на премиерот Зоран Заев и седумте пратеници кои станаа министри.
Според опозицијата, мандатите на дополнителните пратеници требало да се верификуваат преку Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а не преку Комисијата за верификациони работи која има надлежност само за конститутивната седница.
„Имено, знаете дека и покрај нашите реакции во Собранието каде што укажавме дека е тотално погрешен, нелегитимен и пред сè нелегален начинот на тоа на кој што владејачкото мнозинство го направи. Преку предлог на Комисијата за верификациони работи која што впрочем е создадена, е формирана и функционира само за првата конститутивна седница. Иако во Деловникот за работа на Собранието по членот 17 јасно и прецизно, недвосмислено е пропишано дека единствено може по предлог на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања да се одвива начинот на кој што се избираат односно се верификуваат дополнително оние луѓе кои што станале пратеници“, изјави генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.
Тој смета дека мандатите на осумте пратеници не се верификувани, а со тоа и изборот на Владата е нелегитимен и нелегален.
Очекувам од Управниот суд, рече Јанушев, што е можно побрзо да ги разгледа тужбите и да одлучи врз основа на словото на Законот.