Вирусот првпат оваа сезона е детектиран и кај жител од скопско Арачиново
Потврдени се три нови случаи на западнонилска треска, со што нивниот број се искачи на 34 – велат од Центарот за јавно здравје Скопје во изјава за МРТ. Вирусот првпат оваа сезона е детектиран и кај жител од скопско Арачиново. Најмногу случаи се евидентирани во Кисела Вода и Аеродром, а речиси половината се од Драчево.

„Нов случај денеска имаме во Арачиново, првпат денеска е детектиран случај оттаму. Има канали, базени, застојани води и можеби тоа е причината. Има услови за размножување на комарците“,
вели епидемиологот Љуљзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје – Скопје во изјава за МРТ.
Бајрами смета дека в година треба порано да се започне со дезинсекција, но и да се направи и анализа – дали комарците се можеби отпорни на ваквите средства, за да се променат доколку е потребно.
Инаку, во земјава досега се регистрирани два смрни случаи од западнонилска треска. Починаа пациенти на 72 и 83-годишна возраст, кои покрај вирусната инфекција, имале повеќе хронични заболувања.
Центарот за јавно здравје – Скопје на 12 август прогласи епидемија на западнонилска треска во повеќе скопски општини – Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
