Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, вели дека пет пациенти се со тешка клиничка слика и се наоѓаат на одделот за интензивно лекување и се на механичка вентилација. Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски изјави дека нема место за паника, туку за внимателност и одговорност

Центарот за јавно здравје – Скопје (ЦЈЗ) прогласи епидемија на западнонилска треска во повеќе скопски општини и наслелби. Како што денеска информира д-р Златко Арсениевски од ЦЈЗ, епидемијата била прогласена вчера и тоа во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски заедно со претставниците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), ЦЈЗ и Клиниката за инфективни болести, денеска одржа прес-конференција на која рече дека нема место за паника, туку за внимателност и одговорност. Повика граѓаните да преземаат мерки за лична заштита како носење соодветна облека и избегнување места со висока изложеност на комарци.
„Навремено и транспарентно ја информираме јавноста за состојбата со западнонилската треска. Ова не е ново заболување, присутна е и во текот на претходни години, а годинава, заради актуелната епидемиолошка состојба, бројот на потврдени случаи и активноста на вирусот, наметнаа потреба од засилен институционален одговор. Ја следиме состојбата во координација со Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, Комисијата за заразни болести и Клиниката за инфективни болести, со цел навремено да ги идентификуваме и третираме случаите, како и да спречиме појава на нови случаи“,
рече Андовски.
Од Клиниката за инфективни болести информираа дека во земјава, од почетокот на годината, се евидентирани 26 пациенти заболени од западнонилска треска, а еден заболен починал. Починатиот пациент бил на 83-годишна возраст од Скопје, кај кого е утврдено и дијагностички потврдено дека има невроинвазивна форма на вирусот западен нил. Пациентот имал и доста придружни заболувања.
Директорот на Клиниката, Фадил Цана, вели дека пет пациенти се со тешка клиничка слика и се наоѓаат на одделот за интензивно лекување и се на механичка вентилација. Тој смета дека Клиниката досега се справува успешно и има капацитет за дијагностика и лекување на сите пациенти. Цана информира дека во текот на оваа година на Клиниката биле и се хоспитализирани вкупно 29 пациенти сомнителни на невроинвазивна форма на западен нил, а 25 биле лабораториски потврдени.
„Тие пациенти нормално се третираат на Клиникава за инфективни болести. Четири од нив сè уште се водат како суспектни случаи и кај нив е во тек дијагностичката постапка. Треба да кажам дека од вкупниот број пациенти досега, значи и тие пациенти биле со невроинвазивна форма, осум пациенти се излекувани и испишани и се на домашно закрепнување“,
рече Цана.
Марија Гочевска од ИЈЗ информира дека заклучно со 11 август се регистрирани вкупно 26 случаи, од кои два се веројатни. Од нив, 25 лица се од Скопје, а еден е од Велес. Во однос на возрасната категорија, посочи дека 22 лица се на возраст над 60 години.
„Станува збор за автохтони случаи од нашата држава, а едно лице патувало во Грција. Сите случаи се со невроинвазивна форма“,
рече Гочевска.
Од Министерството за здравство потенцираа дека ќе продолжат со навремено и транспарентно информирање на јавноста за сите релевантни промени во состојбата со ова заболување.
Вонредна дезинсекција во Драчево
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, информира дека ЦЈЗ во соработка со Општината денеска спроведува вонредна акција за дезинсекција против комарци на подрачјето на населбата Драчево.

„Денешната акција е фокусирана на сузбивање на ларвите, при што специјализираните екипи на терен вршат прскање со соодветен ларвицид во сите критични точки, каналите, застоените води и влажните места каде што се собира вода и каде што постојат услови за развој на овие инсекти. За дополнителна заштита и целосно намалување на бројноста на инсектите, акцијата ќе продолжи и во петок, кога ќе се изврши теренско прскање против возрасни комарци на територијата на овој дел од општината. Ги потсетуваме пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на своите пчелни семејства поради најавеното прскање против возрасни комарци кое ќе се реализира во петок“,
напиша таа на Фејсбук.
