Директорот на Јавното комунално претпријатие „Бошава“ вели дека не може однапред да се утврдат причините за тоа што се добиени два различни резултати од анализата на водата од градскиот водовод и дека од тие причини се прават дополнителни анализи и проверки
Случајот со забранетата вода за пиење на водата во Демир Капија да не се користи за дневнополитички поени – апелира в.д. директорот на демиркапиското јавно комунално претпријатие „Бошава“, Петар Јованов, откако вчера беше објавено дека водата од градскиот водовод се забранува за пиење и за подготвување на храна.

„Нема потреба од создавање тензии и дополнителен страв кај граѓаните. Вакви ситуации не се нешто што се случува по првпат и најважно е да се постапува одговорно и согласно стручно утврдените процедури“,
порача Јованов.
Забраната за користење на водата од водоводот во Демир Капија беше воведена поради тоа што анализите на примероците земени од истото мерно место во понеделникот и во вторникот дале различни резултати.
Директорот на Јавното комунално претпријатие „Бошава“ вели дека не може однапред да се утврдат причините за тоа што се добиени два различни резултати и дека од тие причини се прават дополнителни анализи и проверки.
„Постојат повеќе можни фактори, вклучително и можност за контаминација при самото земање, транспортот или обработката на мострата, но истовремено не може да се исклучи ниту можноста проблемот да потекнува од самиот водоводен систем. Токму затоа се прават дополнителни анализи и проверки“,
вели првиот човек на демиркапиското комунално претпријатие.
Јованов додава дека анализата од понеделникот, кој е спроведена од Институтот за јавно здравје Скопје, е тип на анализа што се прави периодично, а втората е спроведена од страна на Центарот за јавно здравје – Велес кој редовно зема мостри од водоводниот систем согласно планот и протоколите предвидени според бројот на жители.
