Премиерот Зоран Заев најави дека парламентот веројатно ќе го напуштат и други пратеници бидејќи ќе добијат раководни позиции во извршната власт. Тој е уверен дека имаат стабилно мнозинство во Собранието кое според него, може само да расте.
„Со ДУИ заедно верувам дека имаме поддршка за потребни работи, најмалку 60 пратеници. За владата гласаа 62 пратеници каде што Шахпаска после гласањето за владата и престанува функцијата. Верувам во следните неколку дена парламентот ќе направи верификација на мандатот на следниот пратеник од листата за да вака оформената коалиција од 62 ја потврдиме комплетно. Имам намера на дел од пратеници да им понудам одредени раководни места во државата, од моја и од страна на Владата и министерствата коишто ги именуваат. Така што, континуирано, согласно закон, следните од листата ќе влегуваат. Верувам дека стабилноста на парламентарното мнозинство низ добрите политики може само да расте“,
изјави Заев од Кавадарци каде е на средба со лозарите.
Тој најави дека до крајот на неделата би ги предложил и замениците-министри, додека очекува до крајот на септември да се заокружи и прашањето со директорските места во извршната власт.
„Сакам оваа недела после празникот да ги дадам до македонскиот парламент предлозите, најкасно до крајот на неделата. Понатаму парламентот ќе одлучи колкав период ќе им остави на пратениците да ги прочитаат биографиите на кандидатите и да ја закаже седницата. Веќе почнуваме заедно со министрите да одредуваме и државни секретари заради тоа што ова е специфична област каде има посебни законски услови, а верувам дека до крајот на септември ќе ги поставиме, потврдиме или обновиме со раководни позиции сите институции кои се директно под извршната власт“,
најави премиерот.
Од новиот парламентарен состав веќе заминаа 9 пратеници. Прв замина Флорин Бесими од ДУИ откако неговиот брат Фатмир Бесими беше предложен за министер за финансии. Потоа, оставка од пратеничките функции си дадоа и Заев како мандатар, и уште седум пратеници кои станаа министри (Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Мила Царовска, Љупчо Николовски, Оливер Спасовски и Јагода Шахпаска од СДСМ и Насер Нуредини од ДУИ).
Заев, претходно, најави ангажман во државните институции и на дел од минатиот пратенички состав. Со оглед дека тие имаат искуство и експертиза, според него, ќе може да продолжат да работат и придонесуваат за државата, но на таков начин ќе отпаднат и апанажите кои може да ги побараат по истекот на мандатот.