На почетокот од воведните зборови, обвинителот Јакимовски нагласи дека овој настан има своја генеза, развој и епилог и претставува акумулација на голем број пропусти
Тој нагласи дека вина за оваа сообраќајна незгода имаат сите обвинети
Постои цел корпус безбедносни задолженија и обврски кои обвинетите во континуитет не ги почитувале. Останува само овие пропусти да бидат казнети, рече денеска јавниот обвинител Дарко Јакимовски во Основниот кривичен суд Скопје на завршните зборови во врска со случајот „Ласкарци“ за несреќата што се случи во 2019 година и во која загинаа 16 лица.
На почетокот од воведните зборови, обвинителот Јакимовски нагласи дека овој настан има своја генеза, развој и епилог и претставува акумулација на голем број пропусти.

Според него, сите вештаци на кои обвинителството ги темелело доказите, во ниту еден момент не калкулирале со доказите, а во другите вештачења, како што рече, се само препишани пресметките.
„Ниту еден факт не е доведен под сомнение од одбраната на начин познат и признат од сообраќајната наука“,
рече обвинителот.
Тој даде осврт и на одбраната на обвинетите, при што, како што рече, никој од одбраната не негира дека нема вина.
„Но, според одбраната на секој обвинет во оваа незгода, одговорноста за сите пропусти ја префрла на некој друг“,
рече обвинителот.
Јакимовски посочи дека доколку се анализира одбраната на првите петмина осомничени, се добива впечаток дека сѐ зависело од шестоосомничениот – возачот на автобусот.
„Ако, пак, се проучи одбраната на шестообвинетиот, се покажа како во автобусот воопшто да немало возач“,
рече обвинителот.
Тој нагласи дека вина за оваа сообраќајна незгода имаат сите обвинети.
Обвинителот потоа продолжи да дава детална анализа на одбраната на сите обвинети.
Несреќата кај селото Ласкарци се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобусот на превозникот „Дурмо турс“, кој возеше на редовната линија од Скопје кон Гостивар, во попладневните часови излета од патот.
Во несреќата загинаа 16 патници, а 37 беа тешко повредени.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Додека тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во делото.