Од СДСМ велат дека ќе се борат за правата на земјоделците и бараат Владата да донесе системско и одрживо решение, потенцирајќи дека откупната цена на ајварката мора да биде над 50 денари по килограм бидејќи тоа, според опозиционерите, е цената која може да даде сигурност и соодветен егзитенцијален приход за земјоделците
Барањата на струмичките земјоделци се оправдани. Тие не протестираат за милост, туку бараат достоинствени откупни цени и вреднување на трудот – велат од опозицискиот СДСМ, поддржувајќи ги земјоделците од Струмица, кои денеска протестираа поради ниската откупна цена на пиперката од сортата „куртовска капија“.

Откупната цена на ајварката од 25 денари по килограм, според СДСМ, е крајно понижувачка, нерентабилна и не ги покрива ниту производствените трошоци и е значајно пониска од 2022 и 2023 година, кога, како што велат, нејзнината откупна цена се движеше помеѓу 45 и 50 денари по килограм.
„Со поскапувањето на горивата, сè е поскапено во земјоделството. Поскапи се репроматеријалите, ѓубривата, работната рака, производството. Само трудот на земјоделецот е поевтин. Овој протест е гласот на сите македонски земјоделци кои овие две години со ВМРО на власт се излажани, понижени и оставени сами, без поддршка. Оваа Влада направи пустош во земјоделството – намалени и неисплатени субвенции, ниски откупни цени, проблеми со откуп и зголемени производствени трошоци.“,
велат од СДСМ.
Оттаму велат дека ќе се борат за правата на земјоделците и бараат Владата да донесе системско и одрживо решение, потенцирајќи дека откупната цена на ајварката мора да биде над 50 денари по килограм бидејќи тоа, според опозиционерите, е цената која може да даде сигурност и соодветен егзитенцијален приход за земјоделците.
Со своите трактори и земјоделска механизација, струмичките земјоделци денеска на протест го блокираа подрачното одделение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Струмица. Најголем дел од нив протестираа поради ниската откупна цена на ајварката која изнесува 25 денари по килограм.
