Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека оваа соработка претставува голем технолошки скок за Македонија што, според неговите најави, ќе донесе драстично пониски цени во споредба со досегашната понуда на пазарот
Николоски беше прашан и дали има реакција од американска страна за договорот за набавка на 150 електрични автобуси поради кинеската компонента во него

Новиот мобилен оператор во Македонија ќе ја користи сателитската мрежа „Старлинк“ (Starlink) на милијардерот Илон Маск. Ова го соопшти министерот Александар Николоски во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
На прашањето дали телекомуникациската компанија „4иГ“ гради своја 5Г-мрежа, Николоски рече дека тие веќе објавиле стратегиска соработка и дека Македонија ќе биде меѓу првите земји во кои оваа технологија ќе се имплементира директно.
На дополнително прашање – дали постои ризик Маск да го прекине пристапот како во Украина, министерот рече дека станува збор за чисто комерцијален договор.
„Веќе објавија соработка со ‘Старлинк’ на Илон Маск и надвор од Украина, Македонија и Црна Гора ќе бидат првите држави каде што ‘Старлинк’ ќе се користи директно, така што мобилната мрежа ќе оди на ‘Старлинк’ и секако интернет-мрежата. Сега, од она што го знам, изнајмуваат базни станици, а кога ќе заврши тестирањето одат директно на ‘Старлинк’, односно на сателитите на Илон Маск, што ќе се согласите е скок за Македонија во оваа голема трка во технологијата. Не мислам дека во комерцијалниот дел тоа би го направил. Таму, објасни мислам и секретарот Рубио, се работи за државен воен дел итн., комерцијалниот дел е нешто сосема друго“,
рече Николоски.

Прашан дали најавените проверки од унгарската влада влијаат на инвестициските планови на „4иГ“ кај нас, Николоски посочи дека операторот има рок до март 2027 година да покрие најмалку еден град и дека го одбрале токму Скопје, што ја докажува нивната сериозност. Тој уште еднаш повтори дека очекува намалување на цените.
„Мислам дека драстично ќе одат надолу, од она што имам како информација многу, многу поевтини ќе се од двата постојни оператори. Јас во една пригода им кажав уште кога разговаравме за трет мобилен оператор, дали во Македонија ќе има или ќе нема трет мобилен оператор зависи од постојните два оператори. За нивна жал, а се надевам за среќа на пазарот, тие оставија голем простор за трет мобилен оператор“,
одговори министерот.
Има ли реакции од САД за автобусите?
Дел од интервјуто со Николоски се фокусираше на тендерот за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полначи. Прашан за кинеската компонента во договорот што го добија унгарски „Икарус“, кинеската „Зонгтонг“ и австриската ЕВН, со оглед на стратегиската ориентација на државата и односите со САД и ЕУ, и дали автобусите ќе се прават во Кина, Николоски одговори:
„Можно е, како што најголем дел од возилата во светот во моментов се произведуваат во Кина, ‘ауди’ се произведува во Кина, ‘мерцедес’ се произведува во Кина. Ништо чудно. Но, сигурно едно знам, затоа што ги знаеме техничките спецификации, а тоа е дека батериите ќе се произведуваат во Кина од причина што во моментов на европскиот пазар не можете да најдете електричен автобус којшто користи батерии различни од кинеските. На пример, минатата година бев во државна посета на Чешка, бев и во ‘Шкода’, дадоа индикативна цена од 650 000 евра по автобус. Кога прашав зошто е толку висока, кога нашата е околу 320 заокружено, рекоа – затоа што мора да купуваат батерии од Кина и го кажаа тоа што и истражувањата на пазарот го покажаа“.
На прашањето дали имало реакции од американските партнери во врска со овој договор, министерот одговори одречно и додаде дека не станува збор за безбедносно прашање, какви што се набавките за Министерството за одбрана. Во однос на роковите, тој откри дека иако договорот предвидува првите 30 автобуси да стигнат за шест месеци, има најави дека тие ќе бидат испорачани веќе во јануари.
