Споредбено со минатите денови, денешниот индекс на загаденост во главниот град забележува благо подобрување на состојбата, но сепак концентрацијата на штетните ПМ-честички во скопскиот воздух е над дозволената граница, а тој и натаму е штетен за граѓаните во ризична категорија
Воздухот малку се подрасчисти, но и натаму е штетен по здравјето. Ова во превод се податоците за квалитетот на воздухот во Скопје кои ги објави платформата „Ај-кју ер“, според мерењето пред 14 часот.
Со индекс на загаденост 107, Скопје се најде на дваесеттото место на листата на градови во светот со најголема аерозагаденост.
Споредбено со минатите денови, денешниот индекс на загаденост во главниот град забележува благо подобрување на состојбата, но сепак концентрацијата на штетните ПМ-честички во скопскиот воздух е над дозволената граница, а тој и натаму е штетен за граѓаните во ризична категорија.
Концентрацијата на ПМ 2,5 честички во моментов, според „Ај-кју ер“ е 37,9 микрограми на кубен метар, односно 7,6 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).
Сепак, од денеска престана да важи мерката за бесплатен автобуски превоз во Скопје која беше воведена пред два дена поради аерозагадувањето во главниот град.
Одлуката на ЈСП да ја укине мерката за бесплатен автобуски превоз следува откако вчера Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека во главниот град престануваат да важат сите мерки и препораки за надминување на прагот на алармирање за загаденоста на воздухот.
Препораките и мерките за алармирање за аерозагадувањето по препорака на Министерството за животна средина беа воведени во саботата во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а од неделата и во Гостивар.
Пред да се укинат во Скопје, мерките беа укинати и во Гостивар, Кавадарци и Кичево.