Одлуката на ЈСП да ја укине мерката за бесплатен автобуски превоз следува откако вчера Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека во главниот град престануваат да важат сите мерки и препораки за надминување на прагот на алармирање за загаденоста на воздухот
Од денеска престанува да важи мерката за бесплатен автобуски превоз во Скопје која беше воведена пред два дена поради аерозагадувањето во главниот град.
Ваквата одлука вчера ја соопштија од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), со образложение дека е прекината епизодата од два последователни дена на загаденост на воздухот во главниот град, односно два дена по ред не е преминат прагот на алармирање за аерозагадувањето.
Одлуката на ЈСП да ја укине мерката за бесплатен автобуски превоз следува откако вчера Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека во главниот град престануваат да важат сите мерки и препораки за надминување на прагот на алармирање за загаденоста на воздухот.
Препораките и мерките по препорака на Министерството за животна средина беа воведени во саботата во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а од неделата и во Гостивар.
Пред да се укинат во Скопје, мерките беа укинати и во Гостивар, Кавадарци и Кичево.
Со мерките, од работни обврски се ослободија бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Дел од препораките беа и да се реорганизира работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, а се препорачуваше и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.