Освен во Скопје, мерките и препораките против аерозагадувањето вчера беа прекинати и во Гостивар, Кичево и Кавадарци
Три дена откако стапија во сила, од денеска престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање за загаденост на воздухот во главниот град. Информацијата ја соопштија денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) од каде што посочија дека епизодата од два последователни дена на надминување на прагот на ПМ 10 честички е прекината.
„Согласно податоците од Државниот миниторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух на 26 декември 2022 година, среднодневните концентрации на ПМ 10 суспендираните честички се под дефинираниот праг на алармирање од 150 микрограми на метар кубен и епизодата од два последователни дена е прекината во Скопје и престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање“,
се вели во соопштението од МЖСПП.
Сепак, според платформата „Ај-кју ер“, Скопје и денеска се најде на листата на најзагадени градови во светот. Според платформата, главен загадувач во главниот град се ПМ 2,5 честичките кои утринава пред мерењето во 9 часот беа 16,9 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).
Освен во Скопје, мерките и препораките против аерозагадувањето вчера беа прекинати и во Гостивар, Кичево и Кавадарци.