Скопјани и утринава дишат загаден воздух кој е опасен по здравјето. Според платформата „Ај-Кју-Ер“, метрополата утринава се наоѓа на деветтото место на листата најзагадени градови во светот. Со индекс на загаденост на воздухот од 166, пред Скопје единствено се наоѓаат градови од Кина, Индија, Пакистан, Бангладеш и Гана
„Новогодишната магија секогаш наоѓа начин“. Ова е написот што може да се забележи на еден од поставените билборди во центарот на главниот град, кој, освен ако не сте во негова непосредна близина, едвај може да се забележи од густиот смог и магла.
Но состојбата во главниот град не е ни малку магична.
Скопјани и утринава дишат загаден воздух кој е опасен по здравјето. Според платформата „Ај-Кју-Ер“, метрополата утринава се наоѓа на деветтото место на листата најзагадени градови во светот. Со индекс на загаденост на воздухот од 166, пред Скопје единствено се наоѓаат градови од Кина, Индија, Пакистан, Бангладеш и Гана.
Главен загадувач во моментов во Скопје е ПМ 2,5 честичката со измерени 84.4 микрограми на метар кубен. Нејзината концентрација во моментов е 16,9 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).
Високо ниво на загаденост на воздухот утринава има и во Гостивар. Таму, според „Ај Кју Ер“ е измерена за 15,2 пати поголема концентрација на ПМ 2,5 честички од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на СЗО.
Поради континуираната загаденост на воздухот два последователни дена, Владата одлучи во Скопје, Гостивар, Кичево, Кавадарци и Струмица да стапат мерките и препораките за надминување на прагот на алармирање.
Сепак, мерките поради енормното аерозагадување од вчера престанаа да важат за Гостивар, Кичево и Кавадарци, а останува за Скопје и Струмица.