Претседателката изразила очекување дека Литванија, како претседавач со Советот на ЕУ од следната година, ќе се заложи за кредибилен и предвидлив пристапен процес, заснован врз Копенхашките критериуми, оценувајќи ги билатералните условувања од идентитетска природа за опасен преседан што може да биде погубен за политиката на проширување
Проширувањето на Европската Унија ќе биде врвен приоритет за време на литванското претседавање со Советот на ЕУ во 2027 година – порача министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис, за време на средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.

Шефот на литванската дипломатија ги поздравил досегашните реформски достигнувања на земјава, акцентирајќи ја важноста од нивно продолжување и се согласил дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ е геополитичко и безбедносно прашање од особен европски интерес. Порачал дека актуелниот геополитички момент наметнува потреба од забрзано проширување на Европската Унија.
Претседателката Сиљановска-Давкова изразила очекување дека Литванија, како претседавач со Советот на ЕУ од следната година, ќе се заложи за кредибилен и предвидлив пристапен процес, заснован врз Копенхашките критериуми, притоа оценувајќи ги билатералните условувања од идентитетска природа за опасен преседан што може да биде погубен за политиката на проширување на ЕУ.
„Во пресрет на Самитот на НАТО во Анкара, Сиљановска-Давкова ја потврди определбата на државата, како кредибилен сојузник во Алијансата, да продолжи да придонесува кон колективната безбедност и стабилност. Таа се заблагодари за литванската принципиелна и континуирана поддршка на македонските евроинтеграции, особено како дел од групата ‘Пријатели на проширувањето’“,
соопштија од претседателскиот кабинет.
Министерот за надворешни работи на Литванија претходно денеска оствари средба со својот македонски колега Тимчо Муцунски, а се сретна и со премиерот Христијан Мицкоски со кого, како што информира претседателот на Владата, разговарале за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, продлабочување на политичката и економската соработка, како и за актуелните регионални и европски прашања.
