„Не можам да се сетам на време кога ова прашање било толку концентрирано и политички насочено кон овој регион, со вистинска намера да се продолжи напред. И како доказ за тоа, погледнете го напредокот што некои земји од регионот го постигнуваат сега. Затоа чувствувам дека постои голема потреба и вие да го искористите овој момент. Да бидеме реални, ако нема дополнителни чекори од двете страни, вклучително и од страна на Северна Македонија, можеме да изгубиме половина година или една година“, изјави тој на прес-конференција со својот домаќин Тимчо Муцунски
Одговарајќи на прашањата за барањата на Скопје за гаранции дека нема да има нови условувања на европскиот пат на државата, Будрис рече дека никој никому не може да даде гаранции кога станува збор за политички процеси
Моментот за проширување на Европската Унија е сега и треба да се искористи, вели министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис, кој денеска е во официјална посета на земјава.

На заедничката прес-конференција со својот домаќин, шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, литванскиот министер за надворешни работи оцени дека постои јасна политичка волја за продолжување на процесот на проширување, но посочи дека земјите кандидатки треба да ги исполнат преземените обврски, паралелно со надминување на политичките и билатералните предизвици.
Будрис беше недвосмислен во забелешката дека моментум во ЕУ во однос на проширувањето е движен од геополитчките актулености, односно војната во Украина.
„Ќе бидам многу јасен за ова. Ова е моментум што мора да се искористи. Сите разбираме дека проширувањето на ЕУ сега се води од геополитичка потреба. Главниот и огромен фактор зошто сме толку фокусирани е војната против Украина. Имаше пауза во процесот, постоеја суштински дискусии дали е потребно, дали сме подготвени или не, можеби ни е потребна институционална реформа во меѓувреме. Сега постои јасно геополитичко разбирање дека ни е потребно и дека мора да продолжиме“,
рече тој.
Во однос на проширувањето и актуелниот момент, Будрис посочи дека сегашниот геополитички момент, особено поради војната во Украина, создава јасна потреба и можност за забрзување на проширувањето на ЕУ, при што и покрај предизвиците и билатералните прашања, процесот треба да продолжи врз основа на заслуги со цел целосно членство.
„За да го надминеме тоа, мора да се држиме до пристапот заснован на заслуги. Тоа значи дека преку извештаите на Комисијата можеме да го мериме напредокот, и навистина ми е драго што кај Северна Македонија напредокот постои, тој е евидентиран во документите. Потоа, треба да го решиме она на што сме се обврзале и што сме си го ветиле едни на други и да продолжиме понатаму. Паралелно со тоа, тактички да ги решаваме сите други ситуации што ќе се појавуваат. Нема да биде лесен пат, но сега е моментот да се оди напред. И мора да завршиме со полно членство, а не со некакво стоење настрана и гледање низ прозорец“,
изјави министерот за надворешни работи на Литванија.
За прашањата околу позицијата на Македонија и потребата од конкретни чекори, тој посочи дека земјата треба да го искористи моментот.
„Не можам да се сетам на време кога ова прашање било толку концентрирано и политички насочено кон овој регион, со вистинска намера да се продолжи напред. И како доказ за тоа, погледнете го напредокот што некои земји од регионот го постигнуваат сега. Затоа чувствувам дека постои голема потреба и вие да го искористите овој момент. Да бидеме реални, ако нема дополнителни чекори од двете страни, вклучително и од страна на Северна Македонија, можеме да изгубиме половина година или една година“,
рече министерот.
Во однос на уставните измени како услов, Будрис истакна дека одлуката е во рацете на државата.
„Дали постои формален рок? Тоа зависи од вас. Никој не врши притисок врз вашата суверена национална одлука. Тоа зависи од вас, од вашето раководство и од вашиот народ да направат избор“,
кажа тој.

Одговарајќи на прашањата за барањата на Скопје за гаранции дека нема да има нови условувања на европскиот пат на државата, Будрис рече дека никој никому не може да даде гаранции кога станува збор за политички процеси.
„Да се има поддршка од мнозинството земји членки, да се има поддршка за принципите на проширување и пристапот заснован на заслуги, тоа е суштината. Добивате онолку колку што сте направиле и она што веќе сме го договориле, што е содржано во условите и референтните рамки, ако така може да се каже. Заедно со поддршката од институциите, имаме сет на алатки и механизми за да продолжиме напред. Секако, никој не може да гарантира што може да се појави денес, утре или задутре. Исто така, можеби нема да бидеме веќе на функција тогаш. Но кога имаме однапред договорени правила, многу е полесно да се оди напред. Затоа би се држел до проширувањето засновано на правила, односно на заслуги, и би очекувал дека земјите што ги почитуваат тие правила и се заинтересирани за процесот ќе го завршат својот дел од работата“,
рече тој.
Пред прес-конференцијата, двајцата министри имаа тет-а тет средба на која, како што информираа од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, фокусот бил ставен продлабочувањето на политичките и економските односи меѓу двете земји, зајакнувањето на евро-атлантската соработка и силната поддршка за европската интеграција на Македонија.
