Во главниот град на земјава вечерва се измерени 124,6 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички. Најголема загаденост измериле станиците во Лисиче, Центар, Гази Баба, Ректорат и Карпош
Со индекс на загаденост 187 Скопје вечерва се најде на четвртото место на листата на најзагадени светски градови.
Според објавата на веб-страницата iqair.com, во главниот град на земјава индексот на загаденост на воздухот е 187. Позагадени светски градови од Скопје вечерва се Карачи, Лахор и Дака. На листата на iqair.com во првата десетка на најзагадени градови Скопје е единствениот град од Европа.
Во главниот град на земјава вечерва се измерени 124,6 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички. Најголема загаденост измериле станиците во Лисиче, Центар, Гази Баба, Ректорат и Карпош.
Според мерењата на „Ај-кју ер“, вечерва Скопје не е најзагаден град во Македонија. Најголемо загадување има во Гостивар каде индексот е 246.
Денеска, пак, три дена откако стапија во сила, престанаа да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање за загаденост на воздухот во главниот град. Информацијата ја соопштија денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) од каде што посочија дека епизодата од два последователни дена на надминување на прагот на ПМ 10 честички е прекината.
Oд утре, среда, прекинува да важи и одлуката за бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје. Одлуката, која беше времена, беше донесена во понеделникот, а како една од пакетот мерки на Град Скопје за намалување на загадувањето на воздухот.