Населението на Швајцарија порасна од 7,3 милиони жители во 2002 година на 9,1 милион денес. Од нив, околу 27 отсто не се швајцарски државјани
Во текот на кампањата се судрија различни ставови околу влијанието на имиграцијата врз швајцарското општество. Поддржувачите на иницијативата предупредуваа на преголем раст на населението, додека противниците сметаа дека причините за проблемите со домувањето, инфраструктурата и јавните услуги не треба да се бараат кај мигрантите
Швајцарските гласачи на референдум го отфрлија предлогот за ограничување на населението на земјата на 10 милиони жители, покажуваат официјалните резултати од гласањето, пренесува Би-би-си.
Речиси 55 отсто од граѓаните гласале против иницијативата, додека околу 45 отсто ја поддржале, при излезеност од 60 отсто.

Предлогот беше покренат од Швајцарска народна партија, која е позната по своите антиимиграциски ставови. Иницијативата наиде на противење од швајцарската влада, бизнис-заедницата и останатите поголеми политички партии.
Референдумот се сметаше и за потенцијален ризик за односите меѓу Швајцарија и Европска Унија, бидејќи усвојувањето на мерката можеше да го доведе во прашање договорот за слободно движење на луѓето меѓу двете страни.
Поздравувајќи го исходот од гласањето, швајцарскиот министер за правда, Беат Јанс оцени дека резултатот претставува знак на стабилност, отвореност и сигурност.
Во текот на кампањата се судрија различни ставови околу влијанието на имиграцијата врз швајцарското општество.
Поддржувачите на иницијативата предупредуваа на преголем раст на населението, додека противниците сметаа дека причините за проблемите со домувањето, инфраструктурата и јавните услуги не треба да се бараат кај мигрантите.
Исто така, противниците ги истакнуваа демографските предизвици, наведувајќи дека 20 отсто од швајцарското население е над 65 години. Предупредија дека младите работници и даночни обврзници се неопходни за финансирање и работење на системот за постарата популација.
Претставниците на швајцарската бизнис-заедница, пак, стравуваа дека земјата би можела да го загуби пристапот до единствениот европски пазар.
Дополнително, дел од гласачите беа загрижени дека ваквата мерка би можела да ја изолира земјата во време на зголемена глобална нестабилност.
Населението на Швајцарија порасна од 7,3 милиони жители во 2002 година на 9,1 милион денес. Од нив, околу 27 отсто не се швајцарски државјани.
Резултатите од референдумот се толкуваат како поддршка за задржување на сегашниот модел на односи со Европската Унија и избегнување на дополнителна изолација на земјата во услови на растечки геополитички и економски предизвици.
Иако е неутрална држава, Швајцарија, како и многу други европски земји, ги зголемува трошоците за одбрана и бара начини за поинтензивна безбедносна соработка со европските партнери.
Швајцарскиот систем предвидува сите значајни прашања да бидат ставени на гласање. За распишување национален референдум, потребно е иницијаторите да соберат најмалку 100 000 потписи од граѓаните.
