Во Швајцарија бројот на жителите забрзано расте и минатата година во таа земја живееле 9,1 милиони луѓе, од кои повеќе од една четвртина немаат швајцарски пасош. Швајцарските медиуми пренесуваат предвидувања на статистичарите дека бројот на жителите околу 2040 година ќе достигне десет милиони

Швајцарците денеска гласаат на референдум за иницијативата со закон да се ограничи бројот на жители на десет милиони, а за таа цел владата да се обврзе во иднина поригорозно да управува со миграциите, доколку биде потребно, да ги раскине и договорите за слобода на движење со Европската Унија.
Иницијативата ја покрена десничарската, евроскептична Швајцарска народна партија (СВП), која има две места во седумчлената влада и најголема пратеничка група во парламентот.
Во Швајцарија бројот на жителите забрзано расте и минатата година во таа земја живееле 9,1 милион луѓе, од кои повеќе од една четвртина немаат швајцарски пасош. Швајцарските медиуми пренесуваат предвидувања на статистичарите дека бројот на жителите околу 2040 година ќе достигне десет милиони.
Иницијативата на СВП, која се состои од неколку фази, предвидува дека во моментот кога ќе се достигне бројката од 9,5 милиони ќе се ограничат правото на азил и правото на спојување на семејствата. Во швајцарскиот устав веќе пишува дека Швајцарија самостојно управува со миграциите и дека ги ограничува со годишни квоти и контингенти. Меѓутоа, таа уставна одредба не се однесува на договорот за слобода на движење со ЕУ.
Со достигнувањето на границата од десет милиони, швајцарскиот парламент би морал да примени драстични мерки во кои спаѓа и раскинување на тој договор со ЕУ од 2002 година. Во анкетата која меѓу 19 и 27 мај опфати 19 400 Швајцарци, против предлогот на СВП се изјасниле 52 отсто, додека 45 отсто биле „за“, а останатите биле неодлучни.
