„ДУИ го направи својот чекор, очекуваме секоја од политичките партии да направи чекор, да се сретнеме на средина, да го обезбедиме европскиот пат, потоа ќе одиме на избори. Истиот момент кога ќе се изгласат измените, со што ќе се обезбеди европската иднина на граѓаните, ќе одиме на избори. Сè што ќе побараат за уставните измени, ние сме спремни да исполниме“, вели шефот на македонската дипломатија и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи

фото: принтскрин
Ова е време кога партиските и личните агенди и кариери се помалку важни од одговорноста што секој ја носи во однос на иднината на земјата и на граѓаните. Ова го изјави шефот на македонската дипломатија и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, во гостување во дневникот на Телма, појаснувајќи ја целта на условените оставки на министрите од ДУИ.
Тој најави дека оставките утре формално ќе бидат доставени до премиерот на владина седница, потпишани поединечно од секој од петтемина министри. Рече дека оставките по автоматизам ќе се активираат веднаш штом бидат усвоени уставните измени, без нови одлуки од партијата.
Во однос на ставот на опозицијата дека сега на маса се само предвремни избори, Османи оцени дека со тоа на виделина излегуваат личните и партиските агенди, наспроти државните интереси.
„Сите барања на опозицијата ги исполнуваме едно по едно. Бараа гаранции – ги добија од меѓународната заедница, бараа излегување на ДУИ – го добија со одлука што влегува во сила по автоматизам. Мора секој да покаже одговорност во овие важни моменти, секој да исчекори дел од патот. ДУИ го направи својот чекор, очекуваме секоја од политичките партии да направи чекор, да се сретнеме на средина, да го обезбедиме европскиот пат, потоа ќе одиме на избори. Истиот момент кога ќе се изгласат измените, со што ќе се обезбеди европската иднина на граѓаните, ќе одиме на избори. Сè што ќе побараат за уставните измени, ние сме спремни да исполниме“,
вели Османи.
Прашан за изјавата од опозицијата дека оставките се само фолирање, Османи ги повика „да ги тестираат, да ги изгласаат уставните измени“, при што, потенцира, по автоматизам ќе се активираат оставките на министрите и на сите избрани функционери од ДУИ.
„Се обидуваме и на граѓаните да им ја пренесеме пораката дека сонот за европска перспектива се става под прашалник со оваа одлука. Сега сме на крстопат дали државата ќе се изолира со земјите што имаат отворени прашања и влегуваат во група држави што ќе треба да ги затвораат сите отворени прашања, што значи целосна билатерализација на процесот или заедно со Албанија и Црна Гора ќе бидат првите земји коишто ќе станат членки на ЕУ и ќе се исполни сонот на граѓаните за подобар живот, но, што е најважно – ќе се спречи нашиот пасош да биде помалку важен од пасошите на другите соседни држави коишто се во ЕУ. Најпатриотскиот чин што денеска можете да го направите е да обезбедите европска иднина на граѓаните“,
потенцира Османи.
Османи рече дека опозицијата постојано го менува ставот затоа што, според него, не можат да најдат аргумент зошто се против уставните измени.
Прашан – што ако до ноември не успеат да ги донесат уставните амандмани, кое е сценариото Б и дали ќе следат предвремени избори, Османи одговори дека е уверен дека измените ќе успеат затоа што никој не успеал да ја скрши волјата на граѓаните за европската иднина на земјата. Повтори дека нема да има предвремени избори.
„Уставните измени ќе успеаат затоа што е тоа волја на граѓаните за членство во ЕУ и никој не успеа во овие 30 години да ја скрши таа волја, нема да успее ниту сега. Првата битка ја добивме, граѓаните се уверија дека нема ништо спорно во уставните измени. Верувајте дека битка по битка ќе успееме пред избори да имаме уставни измени“,
вели Османи.