Во писмото до премиерот Ковачевски, Ахмети наведува дека земјава се наоѓа во критична фаза за нејзината европска иднина, па преземајќи ја одговорноста како политичка партија со оглед на условот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поддржи уставни измени доколку има влада без ДУИ, тие се решиле на ваков чекор
Сите министри и останати функционери на ДУИ во Владата поднесоа оставки до премиерот Димитар Ковачевски, но тие ќе важат од моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени.
Веста ја соопшти лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од Тетово.
Во писмото до премиерот Ковачевски, кое тој го објави на социјалните мрежи се наведува дека земјава се наоѓа во критична фаза за нејзината европска иднина, па преземајќи ја одговорноста како политичка партија со оглед на условот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поддржи уставни измени доколку има влада без ДУИ, тие се решиле на ваков чекор.
Ахмети во објаснувањето посочува и дека тој и ДУИ остануваат посветени на евроатлантската интеграција на земјава – освен во НАТО, и на полноправно членство во ЕУ, како и на сојуз со САД. Тоа, наведува, е и најголем интерес на сите граѓани без разлика на националната и верска припадност и оттука тие поднесуваат оставки кои ќе се материјализираат во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени.
Влада без ДУИ беше едно од барањата кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги постави на лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски на 7 јуни, а на која се зборуваше за гласање на уставните измени. Уште истиот ден, портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи соопшти дека тој и неговите сопартијци се спремни на ваков чекор.
Имено, на лидерската на 7 јуни, премиерот Ковачевски соопшти дека му понудил на Мицкоски да ги изгласаат уставните измени и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата.
„Денеска слушавме дека тоа не е веќе проблем за ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин, таа влада ќе го спроведе процесот на уставни измени, ќе го заврши скрининг-процесот кој е во тек, ќе го затвори процесот на уставни измени, ќе ги отвори поглавјата и дури може и да затвори едно или две од поглавјата кои се дел од првиот кластер. Дополнително истата таа влада ќе може да ги организира и следните избори. На тоа додадов, уставните измени кои ќе се донесат во своите заврши и преодни одредби да имаат одредба со која важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција која е закажана без никакво одложување“,
рече Ковачевски по средбата со Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, како што и самиот кажа, му одговорил со видоизменет предлог, кој меѓу другото вклучувал и ДУИ да не е дел од владата.
„Од моја страна беше даден следниот одговор – во ред, ја разбирам понудата и за неа го имам следниот став, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со другите политички партии, но без учество во владата на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа со тоа што избори подготвува техничка влада, а не оваа влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки“,
изјави тогаш Мицкоски.