„Следствено ако сите си одат, зошто јас би инсистирал да останам“, вели претседателот на Законодавниот дом по одлуката министрите во Владата од редовите на ДУИ, партија од која доаѓа и Џафери, да си поднесат оставки на функциите кои ќе стапат на сила кога пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за уставните измени
По депонирањето на оставките од страна на министрите од редовите на ДУИ, и собранискиот спикер Талат Џафери е подготвен да ја следи нивната одлука и да се повлече од функцијата. Условот, како што е веќе добро познато во јавноста, е пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени.
Ваквата најава претседателот на Закондавниот дом ја соопштил во интервју за МИА, кое во целост ќе биде објавено утре.
„Следствено ако сите си одат, зошто јас би инсистирал да останам“,
изјавил Џафери во интревјуто, од кое државната новинска агенција попладнево објави делови во врска со најновните актуелности на политичката сцена поврзани со уставните измени.
Во врска со прашањето за парламентарните избори и барањата на опозицијата за нивно предвремено одржување наесен, личен став на собранискиот спикер е дека тие треба да се одржат во редовен термин. Во однос на тоа дали избори кои би се одржале во поскоро време би ѝ помогнале на ДУИ да задржи што е можно повеќе гласови, претседателот на Собранието вели дека за тоа пресметките ги прават партиските органи.
„Јас колку што знам ДУИ се има изјаснето мандатот да оди како редовен мандат и да се вратиме во процесот и во системот на четиригодишен мандат. Но, вчерашната одлука којашто е изјавена е во конктекст на она што беше резултат или изјава на лидерската средба помеѓу премиерот и претседателот на опозицијата. Предусловот на опозицијата беше – дали ние би пристапиле на тоа доколку ДУИ оди во опозиција и промпно беше кажано додека се одржуваше конференцијата дека ако е тоа предусловот за граѓаните, ние треба да сме надвор од оваа Влада за да се изгласаат уставните измени. Раководството, лидерот (на ВМРО-ДПМНЕ н.з.) тоа го соопшти“,
вели Џафери за државната новинска агенција.
На прашањето дали се согласува со ваквото дејствување на ДУИ и дали ќе го следи, Џафери вели дека ако е во полза на идејата, ќе ја следи ваквата одлука.
„Во принцип, ако сте дел од некоја организација, ако има можности, ќе си го кажете мислењето и на крај ако има одлука, доколку сакате да продолжите да сте дел од организацијата, ќе ја испочитувате одлуката којашто е донесена, во спротивно треба да решите да одите од субјектот“,
вели собранискиот спикер.
За потсетување, вчера лидерот на ДУИ, Али Ахмети, објави дека министрите од неговата партија поднеле оставки од функциите, кои ќе станат ефективни откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени.
Првиот вицепремиер на Владата, Артан Груби, во интервју за косовската телевизија Т7, во контекст на одлуката на ДУИ изјави дека за иднината на нашата земја партијата е подготвена да се откаже и од привремена влада 100 дена пред избори и од премиер Албанец.
Од сѐ што е политички договор на коалицијата ние се откажуваме, под услов македонската опозиција да ги гласа уставните измени“, изјави Груби во интервјуто за косовската телевизија.
По потегот на ДУИ од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска уште еднаш го повторија ставот дека уставни измени нема да има. Партискиот портпарол Наум Стоилковски денеска на прес-конфренција, одговарајќи на прашања од медиумите, ги повика и министрите од СДСМ да се поднесат оставки и да се оди на брзи предвремени избори.
„Уставни измени со вакви фолирања нема да има, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Ако сака Артан Груби, веднаш нека си поднесе оставка, но проблем не е само ДУИ, туку и СДСМ да поднесат оставки, но неотповикливи и да одиме на брзи предвремени парламентарни избори, бидејќи сè друго е одолговлекување и играње играчки“,
рече Стоилковски.
За депонирањето на оставките на министрите од ДУИ денеска на прес-конференција се осврнаа и од коалцискиот партнер СДСМ, од каде што сметаат дека со ова веќе се исполнети сите услови кои ги побара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за да гласа за уставните измени. Чекорот што го направи ДУИ со оставките на министрите, според владејчката партија е сигнал за Мицкоски кој треба да го реализира јавно даденото ветување.
„Сега, на потег е Христијан Мицкоски да докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или се грижи само за својата фотелја во Белиот дворец“,
рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од Бихаќка сметаат дека со претходно донесените одлуки на Централниот одбор на СДСМ, како и со последната одлука на ДУИ, практично се исполнети сите барања кои ги истакна челникот на ВМРО ДПМНЕ на лидерската средба со предводникот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
На прес-конференцијата по последната средба Ковачевски-Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека негов предлог до премиерот бил да се формира заедничка влада, без ДУИ, која ќе го почне процесот и ќе ги изгласа уставните измени. Тие, како што рече Мицкоски, би стапиле на сила откако во парламентите на земјите членки ќе почне ратификацијата на членство на Македонија во Европската Унија.
Слична била и понудата на Ковачевски, со тоа што тој предложил да се формира влада во која 5 ресори ќе бидат на ВМРО-ДПМНЕ, да поминат уставните измени, да почне процесот на преговори, да се затворат некои поглавја, а таа влада потоа да оди на избори.
Единствената важна разлика меѓу двата предлога е времето на почеток на важање на уставните измени. Премиерот смета дека тие не може да стапат на сила откако ќе почне ратификацијата, бидејќи тоа е надвор од преговарачката рамка, донесена со консензус на 27-те земји членки на ЕУ. Неговата сугестија е тие да бидат дел од правниот поредок во моментот кога ќе биде одржана Втората меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија.