Ќе бидам најсреќен ако можеме да ја рестравираме Универзална сала, меѓутоа многу поважно за мене е пред да почнеме со реставрација да започнеме со изградба на нов објект на нова локација, порача на денешната трибина за Универзална сала, скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Според него, на постојното место нема простор да се направи сала која ќе ги задоволи потребите на градот, затоа предлага да се гради нова поголема сала за која веќе одлучил локацијата да биде кај сегашните оранжерии на „Паркови и зеленило“.
„Како дефинитивна одлука за локацијата, како градоначалник одлучив да биде кај сегашните органжерии на „Паркови и зеленило“, зашто мислам дека ако се влезе во изградба на нов мултимедијален објект, тоа треба да биде триумф на македонската архитектура. Затоа што просторот тука дозволува да изградите симбол на градот. Тука може да се реши и проблемот со летна сцена. Сакам до доцна есен да имаме дефинитивна слика и да влеземе во државното буџетирањето за 2021 година“,
рече градоначалникот.
Тој најави дека откако ќе заврши конкурсот со кој се предвидува изградба на летна сцена на сегашното место на Универзална сала, ќе биде распишан нов конкурс и за реставрација на Универзална сала па ќе се носат конечни одлуки.
„Она што ќе одлучиме сега да го изградиме е судбина на градот во следните 40-50 години. Една од мааните на постојниот објект е во тоа што не може да се прошири. Секое проширување, значи рушење на постојниот објект. Има првична анализа, според која, заради карактерот на објектот, тој де факто треба да се руши и да се реобкликува со автентичен изглед на постојниот. Ние без 7-8 милиони евра не можеме ниту да помислиме да направиме нешто на постојниот објект, при што би имало и редукција на бројот на седишта. Објектот има сериозни маани ќе видиме колку би чинела реставрација“,
рече Шилегов.
На денешната трибина учествуваа и претставници на државни и културни институции, здруженија на граѓани од областа на културата, спортот, архитектурата и други, како и организатори на фестивали и културни манифестации.
Модераторот на трибината, советникот во Советот на Град Скопје, Васко Лазаревски, на почетокот предочи дека од Градот Скопје се разгледуваат 3 опции во врска со Универзалната сала – постојната сала да се реизгради на истото место; да се изгради нова сала на нова локација, или, во исто време и да се обнови стариот објект и да се гради нова сала.
За Роберт Алаѓозовски, националниот координатор за развој на културата, понудената визија на градоначалникот да се зборува за нова локација и нов функционален простор е смела и треба да се поддржи. Креирањето на кандидатурата за Европска престолнина на културата 2028, рече тој, ќе го стави Скопје во еден нов антипод на културната политика која е во склад со европските и светските политики.
Од Асоцијацијата на архитекти порачаа дека ако се планира реконструкција тоа треба да се прави што поскоро и без дополнителни доградби.
„Универзалната сала е симбол на солидарноста каква што е сега, но дали на културната јавност и е потребен таков објект – сигурно не. Во градот под итно треба да се смени мислењето за просторот, ние со оваа Универзална сала која е руинирана ги едуцираме нашите деца на лоша урбана култура. Овој објект не смее да остане долго ваков, зашто Универзалната сала за нас архитектите и за македонската архитектура значење нема“,.
посочи Мартин Пановски, од Асоцијацијата на архитекти на Македонија
Филип Аврамчев, директорот на Универзална сала порача дека на Скопје му фали Универзална сала, но повеќе му фали концертна сала.
„Мојата идеја е што побрзо да ја реставрираме Универзалната сала, но и да изградиме нова сала за концерти“,
Аврамчев.
Судбината на оваа сала дојде во фокусот на јавноста откако кон крајот на јули градските власти распишаа конкурс за избор на идејно решение со кое би се граделе летна сцена и парк на местото на Универзалната сала во Скопје.
Градоначалникот Петре Шилегов, по низата реакции во јавноста рече дека нема да дозволи рушење на Универзална ако граѓаните и стручната јавноста се противат.