Шилегов смета дека од политички причини се креира лажна слика во јавноста дека е донесена одлука Универзална да се урне
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, уште еднаш го обвинија дека сака да ја руши заради профит
Откако на 28 август ќе заврши јавниот конкурс за избор на идејно решение со кое се предвидува на местото на Универзална сала да се гради летна сцена и парк, ќе се распишат нови конкурси за реставрација на Универзална на постојното место и конкурс за изградба на нова сала на нова локација.
Градоначалникот Петре Шилегов во интервју за „Слободен печат“ тврди дека нема да дозволи рушење на Универзална сала ако граѓаните и стручната јавност се противат. Повтори дека откако ќе завршат конкурсите ќе се бара најдоброто решение, а ако нема компромис, вели, ќе има и референдум.
„Јавно е отворена дебатата. Свесно сум одел на сопствена штета со отворањето на конкурсната постапка, но навистина сум човек што длабоко верува во разговорите за да се најде решение. Некој има потреба, веројатно од политички причини, тоа да го злоупотреби и да декларира дека Шилегов ќе ја руши Универзална сала. Но, јас нема да дозволам тоа да се случи, во смисла на рушење. Кој е Петре Шилегов да одлучи да ја сруши Универзална сала? Tие времиња се зад нас. Во некои други времиња во 2 часот навечер ќе дојдеа, ќе го заградеа просторот и ќе ги пуштеа багерите. Сите зрееме во демократизацијата на општеството и дебатата што следува е одраз на демократските начини. Некои велат зошто прво сум го пуштил конкурсот, па да ја отвориме дебатата. Па на што да дискутираме ако нема конкурси? Особено зашто знаеме дека се три можности“,
вели Шилегов.
Меѓу опциите што ги нуди Градот е изградба на нова Универзална сала на постојната локација, изградба на нова сала на нова локација или реставрација на постојниот објект и изградба на нова сала на нова локација.
Шилегов вели дека би било лудост на истата локација да се прави нов поголем објект, посочувајќи дека местото е „тесно грло“ во оваа населба. Затоа смета дека најдобро е за поголема сала да се бара друга локација.
„Очигледно е дека јавноста сака постојниот објект да се реставрира. Затоа велам дека решението ќе излезе само по себе. Моето лично мислење е да имаме квалитетен мултифункционален објект на друга локација и да ја реставрираме Универзална сала која својата основна намена како концертна сала ќе си ја задржи“,
вели Шилегов.
Според него, распишаниот конкурс за летна сцена и парк на местото на Универзална, од политички причини, бил погрешно презентиран во јавноста за да се добие впечаток дека е одлучено да се руши.
„Самото објавување на конкурсот за уредување на просторот околу Универзална, не е рушење, не е ни одлука. Постоењето конкурс не прејудицира решение. Мислам дека поради емотивноста што ја буди Универзална сала погрешно некои луѓе свесно ја насочија јавноста да донесе погрешен заклучок дека некој сака да го урне објектот“,
вели Шилегов.
ВМРО-ДПМНЕ: Дали Шилегов планира да ја руши Универзална заради профит?
ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска на прес-конференција го повтори ставот на ексградоначалникот Коце Трајановски дека актуелната власт сака просторот кај Универзална да остане парк за да можат да се градат повеќе згради на парцелата на поранешна „Треска“.
„Шилегов три дена молчи, дали ја руши Универзална сала и на тоа место сака да направи парк, за само да ја исполни квотата за зеленило кое треба да го има во градската четврт 3 11 за да може во кругот на поранешната фабрика ‘Треска’ да никнат над 50 згради. Дали Шилегов е дел од бизнисот од кој само профитот би изнесувал до 50 милиони евра?! Дали ова е причината тој да си го погази своето предизборно ветување за Универзална сала – симбол на скопјани и споменот на многу скопјани да завршат како урнатина?! Зошто господине Шилегов ги излажавте скопјани и зошто свесно си игравте со нивните чувства и спомени само за да дојдете на власт, а откако седнавте во градоначалничката фотелја ништо суштинско не направивте. Го тргнавте настрана планот на ВМРО-ДПМНЕ за нејзина реконструкција, а никој не знае каде завршија 30 милиони денари кои ги добивте од владата за нејзина реконструкција минатата година“,
рече денеска на прес-конференција Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ.
Шилегов претходно ги отфрли овие обвинувања и рече дека е спремен сите постапки да бидат запрени додека се донесе ДУП.
Министерството за култура бара решението да се носи со консензус
Кое било решение за Универзална сала ќе добие владина поддршка доколку е донесено со консензус, посочија од Министерството за култура во изјава за „360 степени“. Со оглед дека овој проект ќе биде финансиран од централниот буџет, оттаму порачаа дека ќе го поддржат секое решение кое ќе биде донесено со компромис и транспарентна дебата меѓу граѓаните, културните уметници, архитектите и Град Скопје.
Од Асоцијацијата на архитекти се на став дека доколку нема можност за два проекта – реставрација и изградба на нова сала на друга локација, тогаш најдобро е да се реставрира Универзална сала на постојното место и со истиот габарит.
Реставрирање на старата Универзална и изградба на нова на друга локација, според првичните проценки на градот би чинело 20 милиони евра.