Реконструкцијата на Универзалната сала ќе заврши во текот на следната година, порача скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој денеска изврши увид во градежните работи за реконструкција на објектот.

„Реконструкцијата на објектот на Универзална е во тек и веќе од следната година ќе се исправи пред нас во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје. Проектот за реконструкцијата на Универзална сала е изработен од архитектот Бујар Муча, а идејата Универзална да ја сочуваме во постојната форма, на постојната локација, после отворената и опсежна дебата доби широка поддршка од јавноста“,
порача Шилегов.
За Универзалната сала Владата издвои 120 милиони денари, а Шилегов вели дека проектот за нејзина реконструкција со постојната големина и облик било единствено разумно решение за објектот.
„За реконструкцијата на Универзална сала постоеја неколку проекти изработени по налог на претходните градоначалници кои беа прескапи и не ги задоволуваа потребните просторни капацитети. Реконструкцијата на Универзална сала по проект со постојната големина и облик е оптимално и единствено разумно решение за повторно ставање во функција на овој објект“,
порача Шилегов.
По прес-конференцијата на Шилегов, со реакција излегоа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што порачаа дека реконструкцијата на објектот досега можеби ќе беше завршена, но како што велат, градоначалникот имал други приоритети.
„Шилегов ќе ја реконструираше Универзална сала, ама беше зафатен со кревање два ката на зградата дивоградба и хациендата во Маврово. Универзална сала можеби и ќе беше завршена да не требаше да се платат 1.7 милиони евра за противпожарната скала, каква што во Загреб е платена за 900 000 евра. Универзална сала сигурно ќе беше завршена и Шилегов ќе ја направеше, ама мораше да распише местен тендер од 300 000 евра за да ги покрие градежните зафати на Варшавска каде плаќал и до 8 пати повеќе од претходно. Шилегов можеби и ќе ја направеше Универзална, ама цел мандат се мисли како да ги пробие тунелите под Кале“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.