Според Мицкоски, ваквите состојби и одлуки во правосудството доаѓаат од малкумина судии и обвинители кои не сакаат да застанат на страната на правдата и, како што додава, остануваат верни слуги на оние што ги поставиле во минатото
Тој ги повика своите колеги од земјите членки Европската Унија (ЕУ) да ги следат овие примери и да видат, како што рече, „со кого ние имаме работа и со кого ние во суштина имаме предизвик да се бориме“
Премиерот Христијан Мицкоски како уште едно големо разочарување ги оцени одлуките на Врховниот суд со кои се укинати пресудите за предметот „Ласкарци“ и за поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Мицкоски рече дека ваквата одлука не е разочарување само за него, туку и за граѓаните. Како и неговата партија претходно денеска, и тој укинувањето на пресудата на Апелација им ја припиша на остатоци од претходната влада на СДСМ и ДУИ во правосудството, кои, според него, грчевито се обидуваат да ги заштитат луѓето што биле дел од таа влада.
Таков, според премиерот, бил случајот со затворањето на предметот за изградбата на модуларните болници, а сега истото се повторува и со предметот „Ласкарци“ за кој имаше правосилна судски пресуди.
Според Мицкоски, ваквите состојби и одлуки во правосудството доаѓаат од малкумина судии и обвинители кои не сакаат да застанат на страната на правдата и, како што додава, остануваат верни слуги на оние што ги поставиле во минатото.
„Па, видете, тоа се рецидиви и остатоци, мал дел од претходната влада на СДСМ и ДУИ. И тоа е последниот обид за заштита на таа влада и на луѓето коишто беа дел од таа влада. Гледате како грчевито се борат, ги амнестираат, таков беше случајот со модуларната болница, така е и сега со Ласкарци. Имаме триесетина жртви, имаме многу луѓе коишто имаат траен инвалидитет, но за жал тоа не е доволна причина за овие малкумина судии и обвинители да застанат на страната на правдата. Сепак, тие остануваат да бидат верни слуги на тие коишто во минатото ги поставиле. И тоа е уште едно разочарување, не само за мене туку генерално и за граѓаните“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на реновираната зграда на Клиниката за неврофизиологија.
Говорејќи во истиот контекст, Мицкоски рече дека овие малкумина судии ги контаминираат сите нивни чесни колеги и обвинители, кои се дел од правосудниот систем во земјава.
Тој ги повика своите колеги од земјите членки Европската Унија (ЕУ) да ги следат овие примери и да видат, како што рече, „со кого ние имаме работа и со кого ние во суштина имаме предизвик да се бориме“.
„Понекогаш имам и чувство дека со ветерници се бориме, како да е сето ова донкихотовска битка. Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода, луѓе за коишто постои основано сомневање, односно правосилна судска пресуда. И како последица на нивното работење имаме повеќе десетици мртви, како ништо да не било. Тоа за нив ништо не значи, бидејќи од тој којшто ги назначил, нивниот стопан, нивниот газда добиле таква наредба. Тоа е едно големо разочарување“,
рече Мицкоски.
Сепак, додаде тој, владата со која раководи нема да очајува и нема да се откаже од борбата бидејќи, како што кажа, на крајот правдата мора да победи.
Вчера од Врховниот суд соопштија дека Советот за казниви дела ја укинал пресудата на Апелацискиот суд Скопје за автобуската несреќа кај селото Ласкарци со која на дел од осудените им беа зголемени казните што Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда.
Предметот е вратен на повторно постапување и одлучување. Во врска со одлуката денеска се огласија од Основниот кривичен суд Скопје, од каде што посочија дека Врховен ја укинал пресудата на скопска апелација и дека сега од второстепениот суд зависи што ќе се случува со предметот и со осудените лица.
Што се однесува до одлуката на Врховен за ексградоначалникот на Општина Карпош, Стевчо, оттаму исто така вчера соопштија дека се укинати пресудите на Основниот кривичен суд Скопје и на Апелацискиот суд Скопје, откако Советот за казниви дела при Судот го уважил барањето на Јакимовски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, кое било поднесено преку неговиот бранител, адвокатот Виктор Светковски од Куманово.
